Преговорите со Бугарија треба веднаш да се прекинат, затоа што нејзините барања кон Македонија се спротивни на меѓународните конвенции, изјави вчера академик Катица Ќулавкова по најновите условувања од Софија за наводната угнетувачка политика на Македонија кон македонските Бугари. И организациите на Македонците од Бугарија реагираат и велат дека во случајов е неопходен реципроцитет – ако Бугарите во Македонија можат да кажат и да се попишат дека се Бугари, тоа право мора да го имаат и Македонците во Бугарија.
Академик Катица Ќулавкова вели дека по неодамнешните барања на бугарската страна, земјава нема гаранции дека ќе започне преговори со ЕУ. „И да имаме, мислам дека треба да се зачлениме на начин да не се самонегираме и да бидеме преседан, значи непримерен во човештвото“, рече Ќулавкова.

Таа вели дека ние се претворивме во преседан на Балканот, затоа што сите други држави се национални, а Македонија е мултиетничка. Однесувањето на бугарските политчари е недозволиво и не треба треба да се прифати Бугарите да влезат во Уставот, смета Ќулавкова.
Со ова не се согласува премиерот Зоран Заев. Тој повтори дека вклучувањето на Бугарите во Уставот не е проблем. „Република Бугарија во својот Устав, за разлика од нас, не признава организирање на граѓани врз основа на етничка припадност. Затоа, реципроцитетот во овој случај не е возможен. Северна Македонија е обврзана со договор дека нема да се меша во внатрешната организација на Република Бугарија, односно во овој случај во уставниот поредок“, вели Заев.
Првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев, на вчерашното одбележување на Денот на Македонската академија на науките и уметностите изјави дека ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција. „Непромислените политички одлуки на државниот врв, водат кон губење на македонскиот идентитет. Така што ЕУ ќе нема што да интегрира, а Македонија што да одбележува и слави“, ја оценува Коцарев политиката на актуелната Влада.

За преговорите со Бугарија, Коцарев бара широк политички консензус и изготвување на нов документ во кој со консензус ќе бидат прецизирани црвените линии од кои нема да има отстапки.
„Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор сѐ, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше сѐ понови и сѐ поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може“, вели Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.
Главното прашање е зошто Бугарија одбива да го признае постоењето на македонското малцинство во Пиринска Македонија, кое е домородно население. А за овој случај има веќе и 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои земја членка на ЕУ, како што е Бугарија, со години одбива да ги спроведе. Реципроцитетот во овој случај мора да се примени, сметаат експертите. Академик Ќулавкова вчера порача дека не постои цел која може да ги оправда средствата, кои се спротивни на сѐ што е предвидено во меѓународното право, а тоа значи отстапување на легитимното право на самоопределување и толкување на сопствената историја.
Од ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија велат дека Македонците и Марсовците имаат ист статус во Бугарија.



