МИЈАЦИТЕ, НЕОТУЃИВ ДЕЛ НА ДУШАТА НА ТАНЕЦ, ГЛАВНИ „ПРОТАГОНИСТИ“ И ВО НОВАТА КОРЕОГРАФИЈА НА АНСАМБЛОТ

Покрај негувањето на постоечкиот раскошен репертоар кој брои над 90 кореографски постановки, Танец редовно ја збогатува својата програма со нова кореографија. Годинава, ексклузивно на новогодишниот концерт, што ќе се одржи на 21 декември во Македонскиот народен театар, ќе биде премиерно претставена „Мијачка“, новото кореографско дело на етнокореологот Марјан Андоновски, долгогодишен член на играорниот кор на „Танец“ и на академскиот музичар Дарко Илиевски, уметничкиот раководител на оркестарот на „Танец“.Мијаците се неотуѓив дел на душата на „Танец“. Познатата „Мијачка група“ е главната арматура врз која се удрени темелите на денешен „Танец“, оние кои при првото претставување надвор од границите го свртеа вниманието на целиот свет, а „Тешкото“ е сѐ уште еден од главните амблеми на ансамблот, оро без кое не може да се замисли ниту едно поважно меѓународно претставување.И после 72 години, фолклорните богатства на Мала Река се инспирација за фолклористите. Новото кореографско дело, дебитантската поставка за „Танец“ на етнокореологот Марјан Андоновски наречено „Мијачка“ е токму таков пример, кој се темели врз личните теренски истражувања на кореографот во западниот дел на Македонија, односно просторот по долината на реката Радика и нејзината десна притока Мала Река. Народот овој крај го нарекува Река, а населението во пределот е познато по општото име Реканци, Рекалии и Мијаци. Мијачкото население и припаѓа на познатата етничка група Мијаци, кои се разликуваат од останатите етнички групи во Македонија по говорните особености, јазикот, културните навики, стопанството, начинот на живеење, народната носија.Ората на Мијаците од Мала Река се посебни во однос на ората од другите играорни подрачја. Имаат три вида на ора – машки, женски и мешани ора. Машкиот стил се одликува со цврсти движења, чести поскоци, клекнувања, вртења и специфични украси кои се изведуваат со стапалата. За разлика од машкиот, женскиот стил на играње се одликува со елеганција и грациозност, во духот на патријахалното воспитување на македонската жена. Во етничкиот предел Мала Река најкаракетристична форма на ората е отворениот полукруг, но кај Мијаците се сретнуваат и ора каде во определен момент орото се придвижува кон лево, каков што е примерот со орото „Повратешко“. Во однос на меѓусебното држење на играорците, најзастапено кај Мијаците е држењето за рака (на неколку различни начини), како во машките ора: „Манукот“, „Џангурица“, „Скудринка“. Кај жените, пак, позицијата е поинаква, односно во ората „Лесното“, „Повратешко“, „Скудринка“, „Џангурица“, рацете се свиени во лактите, малку испружени напред и подигнати во висина на градите. Во орската традиција на Мијаците се сретнуваат и мешани ора, но тие се сретнуваат само во рамките на свадбите, додека кај соборските ора играњето е исклучиво посебно, со тоа што последниот играорец подава крпа на првата играорка од жените за да се фати до него. Ова е повторно одраз на доминантниот патријархат во македонското минато.Најкарактеристични музички инструменти кои ги придружуваат мијачките ора се зурлата и тапанот, во локалната терминологија наречени сурла и топан. Народната носија, машката, а особено атрактивната женската раскошна свадбена носија која предизвикува одушевување насекаде низ светот, главно се задржале во својата првобитна форма. Новата кореографска постановка „Мијачка“ на Марјан Андоновски се базира врз бројни кабинетски и теренски истражувања на фолклорот на мијачките села настанат во периодот од 1925 до 1939 година. Целта на Андоновски е да ги одржи, но и повторно да ги заживее ората кои се изумрени или во фаза на изумирање, и тоа на начин што ќе се задржи нивната автентична форма на изведување на играорните образци како и стилските карактеристики на мијачките ора. Кореографијата е сочинета од повеќе сегменти, а во неа се интегрирани сценските презентации на ората „Повратешко“ (карактеристично глувонемо женско оро), орото „Манукот“ или „Зетовско оро“ (во придружба на зурли и тапани). Интересно е што додека машките играорци го изведуваат „Манукот“, девојките (невести) во полукружна форма го изведуваат „Лесното оро“. Потоа, мешаното соборско оро „Скудринка“, а за финалето на ова ново кореографско дело е оставено орото „Џангурица“, кое на зурли и тапани играат сите играорци истоврено, но без мешање во текот на играта. Во кореографската постановка ќе прозвучат и прекрасните традиционални песни од мијачкиот регион, како прекрасниот рубато напев „Ни прела гора ни ткала“, потоа едногласната машка печалбарска песна „Невесто око калешо“ и карактеристичната реканска љубовна песна „Река газит малој моме“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*