ОД ПИРИН ДО ВАРДАР – НЕ ЗГАСНУВА СПОМЕНОТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ХЕРОИ: ТЕШОВО СО ПОЧИТ КОН ВОЈВОДАТА АТАНАС ШАБАНОВ-ТЕШОВСКИ

Во срцето на Пиринска Македонија, во македонското село Тешово, со достоинство, почит и национална гордост беше одбележана 121-годишнината од убиството на македонскиот војвода и револуционер Атанас Шабанов – Тешовски, еден од борците кои својот живот го положија за слободата и достоинството на Македонија.

Настанот собра Македонци од различни краишта на Пиринска Македонија, меѓу кои членови и активисти на ОМО Илинден-ПИРИН, ОМО Илинден, како и претставници на други македонски организации кои со своето присуство уште еднаш покажаа дека споменот за македонските херои останува жив и непроменлив низ генерациите.

Пред споменикот на војводата беше прочитан пригоден реферат посветен на неговиот живот, револуционерна дејност и жртвата што ја дал за македонската кауза. Присутните имаа можност да се потсетат на делото на човекот кој останал запаметен како симбол на непокорот и борбата за национални права и слобода.

Во знак на благодарност и почит, пред неговиот споменик беа положени венци и свежо цвеќе, додека присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит не само на Атанас Шабанов-Тешовски, туку и на сите македонски борци кои низ историјата ги положиле своите животи за идеалот наречен Македонија.

Особено емотивен момент беше посетата на црквата „Свети Димитар“, каде беа запалени свеќи за покој на душите на сите македонски синови и ќерки кои загинаа во борбите за слобода. Во молитвена атмосфера одекнуваше споменот за генерациите херои кои ја испишаа македонската историја со својата жртва и пожртвуваност.

По официјалниот дел, програмата продолжи во духот на македонската традиција, песна и заедништво. Со своите настапи присутните ги воодушеви групата „Пирин Глас“ од Разлог, чии изведби на македонски народни песни создадоа атмосфера исполнета со емоции, гордост и љубов кон родниот крај.

Одбележувањето во Тешово уште еднаш потврди дека и по повеќе од еден век, делото на македонските револуционери останува живо во народната меморија. Пиринска Македонија продолжува да ги чува спомените за своите херои, а новите генерации ја преземаат обврската да ја негуваат историската вистина и да го зачуваат македонскиот национален идентитет.

Сѐ додека се споменуваат имињата на македонските војводи и револуционери, нивната борба нема да биде заборавена. Атанас Шабанов-Тешовски останува дел од вечниот пантеон на македонските херои, чие дело ќе продолжи да инспирира идни поколенија Македонци, без разлика на која страна од границата живеат.

Вечна слава на македонските борци за слобода!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*