ЕЛЕНА АНДОНОВСКА ПОВТОРНО НА ГОЛЕМАТА СЦЕНА ВО ОХРИД: ЕТНО ЅВЕЗДАТА ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД ЈУБИЛЕЈНОТО ИЗДАНИЕ НА „ИМАТ НЕМАT“ ПРЕД ИЛЈАДНИЦИ ПОСЕТИТЕЛИ!

Една од највпечатливите македонски етно интерпретаторки, Елена Андоновска, и оваа година ќе биде дел од јубилејното издание на музичкото шоу „Имат Немат“, кое традиционално се одржува на роденденот на емисијата и прерасна во вистински музички спектакл и етно фестивал на отворено.

На 22 јули, кејот покрај хотелот „Палас“ во Охрид повторно ќе биде местото каде што музиката, традицијата и македонската песна ќе се спојат во незаборавна вечер исполнета со емоции, публика и врвни музички имиња. За разлика од повеќето телевизиски емисии кои се снимаат во студиски услови, „Имат Немат“ веќе втора година по ред се реализира на отворена сцена, пред илјадници посетители во самиот центар на Охрид, што го прави единствен музички проект од ваков вид во Македонија.

Годинава фестивалот носи уште една значајна новина – на сцената ќе се изведуваат исклучиво етно песни, со што настанот добива уште поголемо културно и музичко значење, промовирајќи го богатото македонско музичко наследство.

Елена Андоновска минатата година остави силен впечаток кај публиката со својот спектакуларен настап, кој долго се прераскажуваше меѓу љубителите на македонската музика. Нејзината моќна интерпретација, сценскиот настап и препознатливата емоција ја вбројуваат меѓу најдобрите етно изведувачи во Македонија.

Во изминатиот период Андоновска успешно ја гради својата соло кариера, настапувајќи со свој придружен бенд и освојувајќи сè поголем број почитувачи. Токму затоа нејзиното присуство на јубилејното издание на „Имат Немат“ претставува едно од најочекуваните музички случувања на фестивалот.

Организаторите најавуваат богата програма, многубројни гости и вечер исполнета со македонска традиционална музика, а љубителите на етно звукот веќе со нетрпение го очекуваат 22 јули кога Охрид повторно ќе биде центар на македонската музичка сцена.

Елена Андоновска доаѓа подготвена за нов музички спектакл, а публиката уште еднаш ќе има можност да ужива во нејзиниот препознатлив етно израз на сцената на „Имат Немат“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*