Под знакот на македонското знаме, песната, традицијата и заедништвото, успешно заврши манифестацијата „Македонски денови во Ешаленс 2026“, која во текот на три незаборавни дена ја обедини македонската дијаспора, пријателите на Македонија и бројните гости од повеќе европски земји.

Манифестацијата започна во петок, во прекрасниот амбиент на градскиот поток во Ешаленс, каде посетителите имаа можност да уживаат во пријатна дружба, културна програма и вистинска македонска атмосфера. Одекнуваа македонски песни, се слушаа разговори на мајчиниот јазик, а чувството на припадност кон татковината беше присутно на секој чекор.
Саботниот ден беше посветен и на институционалната соработка и размена на искуства. Делегација од градоначалници од Македонија оствари официјална средба со градоначалникот на Ешаленс, при што беа запознаени со функционирањето на општината, локалната самоуправа и успешните практики кои се применуваат во овој швајцарски град. Средбата помина во пријателска атмосфера и претставуваше уште еден мост на соработка меѓу Македонија и Швајцарија.

Во вечерните часови следуваше голема музичка забава која ги собра Македонците од сите генерации. На сцената настапија омилените уметници Јасмина, Марјан Коцев, Зорица Дончев, Жаклина Жаки и други естрадни имиња, кои со своите изведби создадоа незаборавна атмосфера исполнета со емоции, песна и македонска гордост. Публиката пееше во еден глас, покажувајќи дека љубовта кон македонската музика и традиција живее и далеку од родниот крај.
Неделата беше резервирана за филмската уметност. Во локалното кино беше прикажан македонскиот филм „Охридски лудории“, кој предизвика голем интерес кај посетителите. Проекцијата беше уште една можност македонската култура и уметност да бидат претставени пред пошироката публика и да се промовираат вредностите што со гордост ги носиме низ светот.
„Македонски денови во Ешаленс 2026“ уште еднаш потврдија дека македонскиот народ, без разлика каде живее, знае да ја чува својата традиција, јазик, култура и национален идентитет. Трите дена поминаа во духот на единството, пријателството и љубовта кон Македонија.
Организаторите упатуваат искрена благодарност до сите учесници, гости, поддржувачи, волонтери и спонзори кои придонесоа оваа манифестација да биде вистински празник на македонштвото.
Со надеж дека и идната година ќе се собереме во уште поголем број, се разделуваме со пораката:

Да живее македонскиот дух, да живее македонската традиција и да живее Македонија!
Се гледаме повторно во 2027 година, на истото место, со истата љубов кон татковината и со уште повеќе причини за гордост.
водител на настанот беше Даниела Ѓогиева Дончева , а специална емисија ке се емитува на ИНТВ


