ГЕВГЕЛИСКАТА ЛЕГЕНДА ЛЕОНИД ЈАНКОВ 1878-1905

31 август 2021 година, Гевгелија, Македонија – Леонид Јанков е роден во село Мачуково (денес во Грција под името Евзони), гевгелиско, на 10 март 1878 година.Леонид Јанков е македонски револуционер, еден од плејадата македонски борци кој пожртвувано го посвети и даде својот живот за македонското национално ослободително дело. Учествувал во многу борби против Турците, во кои покажал беспримерна храброст, физичка сила и голема стрелачка вештина. Со своите јуначки дела, како заштитник на македонското население и нивните имоти, станал еден од најомилените и најпочитуваните народни борци во гевгелиско. Леонид Јанков уште како релативно млад влегува во редовите на Македонската револуционерна организација и станува раководител на ревулуционерен комитет во село Мачуково. По извесно време станал комита и десетар во четата на војводата Аргир Манасиев. Загинува млад во нерамноправна борба со турската војска на 31 август 1905 година, во близина на селото Ѓавато, кај месноста Ѓуров Дол. Во втората половина на 19. век, во селото Мачуково оддалечено само 4 км од Гевгелија, на 10 март 1878 година, бил роден Леонид Јанков. Селото Мачуково кое било многу развиено, со сите карактеристики за поголемите населби, како и половина Гевгелија, биле дел од чифлик, кој бил во сопственост на жена позната како Ан’мката, прочуена по својата суровост. Во првата половина на XIX век, со напуштањето на тимарско-спахискиот систем и појавата на “доброволно“ одземање на земјишните парцели од селаните и заграбување на општинското и државното земјиште од страна на спахиите, се создаваат таканаречени чифлизи, со кои почнале да господарат нови стопани наречени чифлик-сајбии, македонските селани станувале чифлигари. Чифлиг-сајбиите можеле да го продаваат или пак да го купуваат и да го прошируваат својот имот. Тешката криза и анархијата која го зафатила турскиот државно-правен, политички и економски систем, ја принудува централната турска власт да спроведе реформи со Гилханскиот хатишериф (1839-1853) и Хатихумајунот (1856-1878), со кои се прокламирала полната равноправност пред законите на сите граѓани, без разлика на вера, народност и положба, како и полна сигурност на животот, честа и спечалените имоти на сите поданици. Во пракса, овие два документа тешко можеле да се спроведат поради отпорот кој го давале конзервативните претставници на султанската власт. За да се заштитат животот и честа од османлиската бруталност, како и да ги заштитат своите имоти, селаните поставувале оружени чувари таканаречени падари. Таткото Трајко и мајката Ката, го школуваат својот син Леонид, кој брзо ја осетил османлиската бруталност. Под влијание на учителите кои агитирале против турската власт, Леонид сметал дека Македонскиот народ само со оружена борба може да се ослободи од многувековното турско роство. Движејќи се со својот татко, а понекогаш правејќи му и услуги, Леонид уште како млад се запознал со идеите и целите на Македонската револуционерна организацијата. Набрзо тој се придружува кон Организацијата и станува раководител на селскиот револуционерен комитет во село Мачуково. Истовремено, на почетокот на XX век тој е еден од падарите-заштитници на Македонскиот народ и македонските имоти. Тешката положба на Македонскиот народ во османлиското царство, принудува голем број Македонци со пушка во рака да се кренат против безаконието кое владеело. Со формирањето на револуционерните селски чети, а по завршената воена обука, многумина од селото Мачуково се најшле во четите на Сава Михајлов и Аргир Манасиев. Во овој период столб на Организацијата во селото бил Генчо Лазаров Ортаков, а организациските работи им биле препуштени на Јанковци. Набргу Леонид Јанков, како и многумина од селото Мачуково, се придружува кон револуционерните чети. Од април 1900 година Христо Чернопеев е самостоен војвода на чета во Кукушко, чија цел е создавање селски комитети и воена обука на населението. Во четата на Чернопеев преминале Михаил Герџиков, Сава Михајлов, Крсто Асенов, Александар Китанов, Петар Китанов, Мирче Икономов, Никола Дечев и други идни истакнатите дејци на ВМОРО. На 4 февруари 1901 година четата на Чернопеев е опколена во селото Бајалци од 500 турски војници и води голема 14-часовна борба во која загинува и Мицо Делчев (братот на Гоце Делчев). Додека народот се гордеел со храброста која ја покажале нејзините синови, дотогаш османлиите биле изненадени од отпорот на востаниците. После битката, турската власт презела големи репресивни мерки. Поткажани од лица алчни за пари и непријатели на Македонскиот народ, затворени биле многу селани, а меѓу нив бил и Леонид Јанков. Околу 2000 лица биле затворени и изложени на најсурово испрашување, измачување и тепање. Од нив 444 Македонци биле осудени на робија од една до сто години. Бидејќи истражните органи не можеле да докажат некоја револуционерна активност, повеќето биле пуштени по шест месеци, а меѓу нив и Леонид Јанков. Откако Леонид бил пуштен од затвор, знаеќи дека работи за организацијата, бил постојано следен од турската власт. Дознавајќи преку својот турски пријател Емишин, кој го издава во уќуматот, Леонид ќе го ликвидира шпионот Ристо Дојчинов и ќе се приклучи на четата на Аргир Манасиев. Бил одреден за десетар а во 1902. година за околиски војвода во Гевгелија. Оваа чета ги заштитувала Македонците, се борела против грчката пропаганда, ликвидирала нејзини претставници, а потоа се борела и против бугарскиот врховизам и пропаганда.За време на Илинденското востание во 1903. година, Леонид учествувал во изведувањето на повеќе диверзантски акции против турската војска. По неуспешното завршување на Илинденското востание во октомври 1903. година и по престанувањето на борбените активности, Леонид со четата на Аргир Манасиев се префрлил во Бугарија. Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов, се враќаат во 1904 година во гевгелискиот крај, каде на подрачјето на Богданци развиваат голема активност. Неговата активност внимателно ја следи турската власт. Откако дешифрирале едно писмо кое било упатено од градското раководство до Леонид, турската војска го опколила просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите востаници бил засолнат во големите капини во месноста Ѓуров Дол. Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со итрина успеал да убие многу непријатели, но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јусбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на Турците.Тој ден сите камбани во градот Гевгелија биеле, целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3.000 души од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас, во северната страна. За јуначките дела на Леонид Јанков, за неговата бестрашност и итрина, народот во гевгелиско испеал повеќе песни од која најпозната е “Трба, трби гевгелиско“.Бог да го прости и нека му дари Царство Небесно. Амин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*