Томе, нашинец од дијаспората не замоли да ја објавиме неговата исповед, зошто си заминал од татковината во Австралија, па одлучил да се врати, а потоа се разочарал. Прочитајте.
-Поздрав до вашата редакција, се надевам дека ова мое писмо ќе го објавите!
Во почетокот на 80те во Македонија немаше млеко, јогурт (луѓето чекаа во 6 сабајле, редици за едно кило млеко и две кила јогурт, толку беше дозволено) немаше паста за заби, шлаг за торта, банани а бензин се купуваше со купони и тоа максимално 40 литра за месец.
Немаше и доста други работи, но за горе наведените продукти сум 100% сигурен.
Повеќето работи/услуги, во општина, на болница, во медицински центар, итн. итн. се средуваа со пријатели и пари.
Поради овие сите горе наведени проблеми, ми дојде преку глава и си заминав од Македонија во 1985.
Повеќето од луѓето што ме познаваја, или ми се смееја или ме правеа глуп.
Од 1985 па се до ден денес, во Австралија остварив колку за пет животи во Македонија, но желбата за дома одсекогаш била во моето срце и душа, и никогаш не престана надежта дека еден ден пак ќе се вратам во својата дома, затоа што чувствата за својата родна земја никогаш не умираат.
Поради овие мои чувства си купив два стана, кола и сите потребни работи за живот во својата дома, мајка Македонија.
И си велам, сега имам се, има банани, има бензин, има млеко, има паста за заби, на кратко има се за убав и пристоен живот, дури и повеќе.
После две години во Македонија увидов дека и покрај тоа што има скоро се, практично нема живот. Корупцијата е уште поголема него ли во 80те, здравството е чувај Боже, хигиената е нула, безбедноста е во рацете на криминалците, улиците со дупки со стап да ги скокаш и уште што не.
И со велам… Ти бе чоек или си глуп или си слеп а можеби и двете. Овде добар живот или поточно речено, квалитетен живот нема, туку дај продај се што имаш и бегај што побрзо додека не си изгубил се.
Ама ај остај шо ќе изгубиш се што е материјално, туку ќе го изгубиш и тоа тро живот шо ти останало.
Јас никогаш нема да престанам да си ја сакам мојата родна земја, но благодарение на Македонските “супериорни ” политики и политичари, не само што ме направија никогаш да не се вратам во својата дома, него тоа им е направено скоро на сите луѓе во дијаспората.
Како што рече Горан Стефановски: Да бидеш дома а да не се осеќаш дома.
Господ да ви е на помош на сите и да дај еден ден Македонија да стане рај во светот, но сигурен сум, јас тоа нема да го доживеам или инаку речено, нема да се деси додека јас сум жив. Дај Боже да не сум во право.
Името и презимето на нашиот читател, е познато на редакцијата на Инфо 7.

