Македонската православна младина во Австралија одбележа 20 години достоинствено македонско постоење 🇲🇰

Со гордост, достоинство и силен патриотски дух, Македонската Православна Младина на Австралија одбележа голем јубилеј — 20 години постоење, единство и посветеност кон македонската вера, традиција и национален идентитет.

Во свечена атмосфера во Мелбурн, пред повеќе од 500 гости, беше прославен јубилејот на организацијата која две децении претставува чувар на македонските корени меѓу генерациите Македонци во Австралија.

На настанот присуствуваа претставници од политичкиот, дипломатскиот и црковниот живот, како и бројни членови на православната и македонската заедница, кои со своето присуство дадоа поддршка на мисијата за зачувување на македонскиот јазик, вера и култура далеку од татковината.

Од Македонската Православна Младина истакнаа дека изминатите 20 години се исполнети со пожртвуваност, хуманост, духовно обединување и постојана борба за афирмација на македонската вистина и македонското име на австралискиот континент.

„Ова не е само јубилеј, туку сведоштво дека македонскиот дух живее и надвор од Македонија. Нашите млади генерации се столбот кој ја продолжува традицијата, верата и љубовта кон Македонија“, порачаа организаторите.

Свеченоста помина во духот на македонското заедништво, патриотизмот и православната традиција, испраќајќи силна порака дека Македонците во Австралија остануваат обединети, горди и верни на своите корени. 🇲🇰

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*