ДЕТЕ-БЕГАЛЕЦ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ПОТРЕСНА ПРИКАЗНА НА ДЕТЕ-БЕГАЛЕЦ ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА

По тесните трнливи патчиња, боси и без храна, Марија Касапова, едно од децата бегалци за време на Граѓанската војна во Грција, заедно со нејзината помала сестра, мајка и нејзините внучиња од поголемата сестра, во 1948 година се упатија кон границите на Македонија.

Во раната пролет 1948 година, Комунистичката партија на Грците донесе програма според која се изврши евакуација на 25 000 македонски и грчки деца од партизаните. Нивна крајна дестинација е Источна Европа, каде требаше да бидат згрижени и да го продолжат своето образование, додека не се вратат во своите домови, откако ќе заврши Војната.

„Оправдувањето за преземањето на таа акција според КПГ беше од хуманитарни причини односно „спасување на децата од ужасите на војната“, но префрлањето на децата од борбените зони им одговараше на нивните политички и воени интереси. Со нивното заминување останаа помалку цивили за хранење, а жените, ослободени од одговорноста да се грижат за децата, можеа лесно да се мобилизираат и да и се придружат на партизанската кауза.

Но, она што беше трагично беше фактот, што некои од евакуираните деца беа враќани назад во Грција за да се борат во редовите на Демократската армија, контролирана од комунистите,“ – рече Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја во Скопје.

Приказната ја раскажува нејзината ќерка, Борка Петреска, која се сеќава на времињата кога нејзината мајка покрај топлиот огин им ја раскажувала потсетувајќи се на она низ што поминала.

„На 10 годишна возраст, мајка ми беше принудена под рака да ги фати своите внуци, едногодишното дете кое поради студот почина и десетгодишниот Петрос, а пред неа да ја води нејзината помала сестра и мајка, која била инвалид и да ги одведе надвор од нејзиното родно место, Логунци. Со маки тие пристигнале во Неготино каде полека почнале да оформуваат ново семејство. Но, неволјите на нејзиното семејство не престанале овде,“ – рече таа.
Откако почнале да живеат во Неготино, некои од нивните соседи го наклеветиле момчето на полицијата дека било нелегално населено, по што веднаш било депортирано со воз во тогашната Чехословачка без знаење на неговото семејство. Оттогаш трагата на Петрос Чембис се губи.

„Заедничко и за децата евакуирани во Источна Европа и децата во Грција е тоа што: и едните и другите беа сместени во Институции што беа многу слични, иако биле водени од дијаметрално спротивставени политички идеологии.

Додека повеќето од децата евакуирани во детските домови во Грција прилично брзо се вратија дома, децата кои беа евакуирани во Источна Европа останаа во странство подолг временски период. Многу од нив никогаш не се вратија дома. И едните и другите поминале низ ужасни страдања затоа што биле одделени од своите семејства“ – изјави Чепреганов.

Поради лошата состојба во која се наоѓало семејството во тоа време, морале да се снаоѓаат на различни начини за да стигнат до корка леб, па дури и да просат, но тој режим не може да го издржи и малото едногодишно дете.

„Откако мајка ми виде дека не може да продолжат со истата ситуација секој ден, повторно и повторно, таа на 17 годишна возраст се омажи за татко ми, кој не ги сакаше Егејците,“ – изјави Петреска.

„Фактот што се омажи толку млада беше причина нејзиното првородено чедо да почине,“ – додаде таа.
За правата и слободата
Во 1948 година во Егејска Македонија, интензивно почнало да се шири партизанството како начин на самоодбрана. Оваа судбина не го заобиколила ни Данчо Чембис, младо момче со борбен жар. Тој уште на млади години се здобил со титулата на командир на една од партизанските чети во својот крај.

Борејќи се за правдата и слободата, се заљубил во Менка, која била најстарата сестра и која се грижела за целото нејзино семејство. Исто борбена и мотивирана за слобода, таа неколкупати му помагала на својот иден сопруг во акциите, каде го ризикувала нејзиниот и животот на целото нејзино семејство.

Така, еден ден Менка во договор со веќе нејзин сопруг, Данчо со кој имала две деца, решила да ја прати својата помала сестра Марија до шумата да го пренесе оружјето, кое им било потребно на партизаните.

Ја облекле во фустанче, го натовариле магарето со ѓубре под кое се криело големо количество на оружје и ја испратиле во мисија.

„Поминував како ништо да не се случува. Си потсвирнував и го галев магаренцето, кое како да сфаќаше што е работата, па не ми правеше проблеми. Германците во своите униформи само ме погледнаа и бидејќи сум дете не ми направија ништо. Се насмеаа на глас и прокоментираа нешто,“ – им раскажувала Марија на своите деца.

„Неколкупати го направив истото, без да имам некаков проблем, но една вечер кога се вратив од игра, забележав дека корпата која беше натоварена со оружје на магарето беше целата расфрлана. Кога влегов во куќата забележав многу луѓе од кои едни беа Бугари, а други наши Македонци кои ја накодошиле сестра ми и зет ми. Бев сведок на нејзиното малтретирање, но сестра ми не попушти.
Истата вечер, зет ми Данчо, дојде и ја скришум ја пренесовме во шумата, од каде веќе никогаш повторно не ја видов“.

Од историска гледна точка, Чепреганов вели дека комплексноста на настанот и предизвиканите последиците ја прават исклучително тешка достапноста на целосната историската вистина, предизвикувајќи го впечатокот дека таа во одредени аспекти ќе остане „вечна тајна”. По неколку години преку Црвен Крст, Марија успеала да дознае дека нејзината сестра и зет биле убиени, а дека Петрос, нивното дете денес се наоѓа во Чешка.
Што велат новите извештаи на независните експерти од странство?
Марија Касапова служи само како еден пример кој ја покажува тешката судбина на лицата кои во тој период живееле во северозападните делови од Грција. Секојдневно нивните приказни се откриваат во јавност и се формираат здруженија кои ја подржуваат иницијативата Македонците од Егејска Македонија да ги добијат еден ден своите права.

Неодамна, на Денот на чоековите права се огласи со свој извештај, независниот експерт од Обединетите нации, Мегдауел, која вели дека Владата на Грција не треба да спори околу тоа дали има македонско малцинство или турско малцинство, туку целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слободата на изразување и слободата на здружување на овие заедници.

„Грчката влада треба да се согласи со пресудите на Европскиот суд за човекови права дека на овие здруженија треба да им се дозволи да го користат зборот „македонски” или „турски” во своите имиња и слободно да ја изразуваат својата етничка припадност. На овие здруженија, кои во минатото беа негирани, мора веднаш да им се дозволи официјална регистрација. Мора да се почитуваат понатамошните нивни права за заштита на малцинствата според Декларацијата за малцинствата и основните меѓународни договори за човекови права“ – изјави таа.

Обединетата македонска дијаспора која е формирана во 2004 година, си има поставено цел да се бори за правата на сите жртви за време на војната и враќање на државјанствата и имотите на Македонците. Тие ги повикаа Обединетите нации и Европската Унија да го насочат својот притисок кон владите на Албанија, Бугарија, Грција, Косово и Србија за да обезбедат почитување на меѓународните стандарди за човековите права, вклучително и за македонските заедници во нивните држави.

Автор: Емилија Петреска / МКреволуција

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*