Путин најави нови нафтоводи во Сибир, поголем претовар на нафтата на Арктикот и на Далечниот Исток, како и поврзување на руски гасоводи на дофат на клиентите од Пацификот.
Водечките азиски економии, предводени од Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја, неодамна ја купиле целата понудена руска нафта (тип „сокол“) со датум на испорака во мај.
И тоа, не обрнувајќи премногу внимание на бранот западни санкции и упорните предупредувања од Вашингтон и Брисел да се држат настрана од сибирските енергетски извори, објави американскиот портал „Оил Прајс“ од Хјустон.
Во меѓувреме, агресивноста на Западот да ја заземе „вистинската страна на историјата“ кога е во прашање конфликтот во Украина и на полето на трговијата со стратешки суровини, индискиот министер за надворешни работи Субраманјан Џаишанкар деновиве ја отфрли со остра забелешка против ЕУ:
„Индија месечно веројатно купува помалку нафта од Русија отколку ЕУ за едно попладне. Треба да се фокусирате на Европа“.
Индиските трговци со нафта го објаснуваат својот нов апетит за сибирското масло со едноставна пресметка.
„Мотивите на индиската влада се економски, а не политички. Во својата енергетска стратегија, индиската влада секогаш ќе биде заинтересирана за договор. Тешко е да не се прифати попуст од 20 отсто на цената на нафтата, кога увезувате 80 до 85 отсто од таа неопходна енергија, особено за време на пандемијата и бавниот глобален економски раст“, истакна Самир Н. Кападија, шеф на трговијата во индиската државна консултантска фирма „Фогел“.
Инаку, Индија, земја со 1,3 милијарди жители, лани пазарила само околу 2,5 отсто од потребните барели од Русија или колку САД во 2021 година.
Во меѓувреме, заклучно со март оваа година, на пет руски супертанкери се натоварени околу шест милиони барели и се насочени кон Индија. Набљудувачите на берзата пресметале дека Индија увезла за еден месец колку и во еден квартал од минатата година. Инаку, Индија набавува 60 отсто од својата воена одбранбена опрема во Русија, наведува „Оил Прајс“.
Најновата руска понуда за нафта (од типот „урал“ и „сокол“), по цена од 30 долари пониска од конкурентската нафта “брент“ и лесната тексашка нафта, доаѓа до приемчивите купувачи на азискиот пазар оваа пролет, но сепак без долгорочни залетувања.
Имено, Кина, убедливо најголемиот купувач на сибирската нафта во Азија (лани увезувала просечно околу 1,72 милиони барели дневно), деновиве бележи пад на набавката на руската нафта од околу 9,1 отсто, наведува „Блумберг“. Причините за ваквото забавување на кинеските набавки и покрај малата руска понуда се многубројни.
Една од нив е фактот што кинеските рафинерии имаат долгорочни договори со бројни добавувачи од Заливот (членки на ОПЕК на кој припаѓа и Русија). Во секој случај, евтината руска нафта со спот цена почнува да го преплавува азискиот пазар оваа пролет, отворајќи простор за нова асиметрија на светскиот енергетски пазар.