Швајцарско истражување покажало дека првите европски земјоделци потекнуваат од Македонија

Според Универзитот во Берн, наколните населби на Алпите и на Балканот се единствените остатоци од населби од неолитска доба и се со одлично зачуван органски материјал. Наодите од Охридското Езеро се особено интересни затоа што таа област игра клучна географска улога во проширувањето на земјоделството

Луѓето што се населиле на брегот на Охридското Езеро пред околу 7 000 години, веројатно, се првите земјоделци во Европа. До ваков заклучок дошле научници од Универзитетот во Берн кои спровеле дендрохонолошки истражувања на остатоците од наколните населби на брегот на најстарото езеро во Европа.

Археолошките локалитети под вода, какви што се остатоците од темелите на наколната населба во Охридското Езеро во заливот Плоча Миќов Град, се дар од Бога за науката, велат научниците, бидејќи вкупно 800 дрвени колци не биле изложени на кислород илјадници години и не се оштетени од габи или бактерии. Тие се особено погодни за дендрохронолошки истражувања, постапка за точно одредување на староста на колците преку нивните годови. Во комбинација со датирање со радиојаглерод, староста на дрвото може точно да се одреди – а со тоа и времето во кое населбите се подигнати. Научниците велат дека овој метод првпат бил искористен надвор од Алпскиот регион.

Било утврдено дека изградбата на населбата во заливот Плоча Миќов Град се одвивала во различни фази и тоа траело со милениуми – а не, како што се претпоставуваше досега, во периодот околу 1000 година пр.н.е.

Изградбата на населбата на брегот на Охридското Езеро се одвивала од неолитското време (средината на 5 милениум пр.н.е.) до бронзеното време (2 милениум пр.н.е.). Покрај тоа, според археолошкиот тим, „извонредната густина“ на населбата е доказ за интензивна градежна активност со текот на времето, а објектите, до одреден степен, биле градени еден врз друг.

„Прецизните датуми на различните фази на населување на Плоча Миќов Град претставуваат важни временски референтни точки за хронологијата на праисторијата на Југозападниот Балкан. Точната хронолошка класификација отвора нови можности за толкување на трагите пронајдени од раната населба во Охридското Езеро“,вели Алберт Хафнер, водач на истражувањето и професор по праисториска археологија на Универзитетот во Берн.

На дното на езерото е скриен слој од 1,7 метар културолошки остатоци и тој првенствено се состои од органски материјал. Станува збор за остатоци од собрано жито, како и диви растенија и животни, кои овозможуваат да се извлечат заклучоци за развојот на земјоделството. Новопристигнатите земјоделци биле соочени со релативно ладна, влажна клима, на која морале да ги приспособат своите секојдневни земјоделски активности.

„Интеракциите помеѓу оваа револуционерна иновација и животната средина се во голема мера непознати“,вели Хафнер.

повеќе на 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*