Денес својот роденден го слави еден од најпрепознатливите македонски фолк пејачи – Дарко Стојаноски, уметник кој со својата емоција, автентичен глас и љубов кон изворната македонска песна остави силен печат на домашната музичка сцена.
Дарко стана широко познат и омилен кај публиката со хит-песната „Отвори порти, невесто млада“, која и денес е неизоставен дел од свадбите, веселбите и народните собири. По овој голем успех, следуваа и низа други песни кои дополнително го зацврстија неговото место на фолк сцената, меѓу кои се „Анга од Галичник“, „Јана е најубава“ и уште многу други кои со гордост ја негуваат македонската музичка традиција.

Дарко Стојаноски потекнува од Кичево, каде што и денес живее и останува силно поврзан со својот роден крај и публиката. И покрај бројните настапи и турнеи, тој никогаш не ја заборава својата база и секогаш со посебна емоција зборува за Кичево и за македонскиот народен мелос.
Овие денови, роденденската радост е уште поголема, бидејќи Дарко го очекува патување во Австралија, каде што ќе започне австралиска турнеја и ќе настапува пред нашинците во повеќе градови. Македонската дијаспора со нетрпение го очекува, а атмосферата, како и секогаш, се очекува да биде исполнета со песна, носталгија и силни емоции.
На Дарко Стојаноски му посакуваме среќен роденден, добро здравје, уште многу хитови, успешна турнеја и уште многу години исполнети со песна и аплаузи! 🎤🎉

