Македонската музичка сцена се подготвува за вечер исполнета со емоции, гордост и автентичен македонски дух. Лени Партикова официјално најави дека нејзиниот голем концерт ќе го носи насловот „Горда сум Македонка“, настан кој ветува вистински музички спектакл и силна порака за зачувување на македонската традиција, култура и идентитет.
Публиката ќе има ексклузивна можност во живо да ги слушне песните од нејзиниот нов албум, но и дел од старите, изворни македонски песни, преработени во современ и модерен аранжман, со што Лени успешно ги спојува традицијата и модерното време.

На сцената, покрај Лени, ќе настапат и Крпа Круна, Орде Неделковски и Кире Наумовски, музичари кои со својот квалитет и искуство ќе придонесат за уште посилна атмосфера. Како специјални гости ќе се претстават и дечињата од Клуб „Шара“, кои ќе имаат свој автентичен и емотивен настап, носејќи свежина и искрена детска енергија на сцената.
Посебен печат на концертната вечер ќе даде и Дувачкиот оркестар на Мануел Аметовиќ од Србија, кој со својот моќен звук ќе ја збогати музичката приказна и ќе ја подигне атмосферата до кулминација.
„Нашата цел е целокупната македонска традиција и култура да ја пренесеме на сцена и публиката да ужива заедно со нас“, истакна Лени на прес-конференцијата, најавувајќи и специјално изненадување кое намерно не го откри, оставајќи го како вистински адут и изненадување за сите присутни. Според неа, токму тој момент ќе биде силен емотивен и енергетски врв на концертот.
Лени Партикова ја изрази и својата искрена желба и верба дека вакви концерти би сакала да реализира не само низ сите градови во државата, туку и пред македонската дијаспора ширум светот, со цел македонската песна и традиција да допрат до секој Македонец, каде и да се наоѓа.
Картите за концертот можат да се набават во „Гранд Тобако“ во Тетово, како и на самата билетара во Домот на културата во Тетово.
На прес-конференцијата кратко се обрати и нејзиниот сопруг Жарко Ѓоргески, кој јавно ја искажа својата безрезервна поддршка и верба во квалитетите на Лени, нагласувајќи дека секогаш стои и ќе стои зад неа – како сопруг, менаџер, личен возач и кореограф.
Лени упати искрена благодарност и до медиумите кои континуирано ја поддржуваат нејзината работа, меѓу кои Радио Зона М1, Балкан Мјузик, Ин ТВ и Ване Петковски.
🎶 „Горда сум Македонка“ – концерт што не се пропушта! 🎶

