Македонија се подготвува за радикален пресврт во борбата против пушењето, каков што досега не е виден. Новиот Закон за заштита од пушење, кој е веќе скроен и наскоро ќе биде ставен на јавна расправа, предвидува драстични и ригорозни мерки што целосно ќе го променат секојдневието на пушачите, но и начинот на функционирање на угостителските објекти и трговијата.
Според предлог-законот, забраната за пушење ќе важи во сите затворени простори од јавен карактер, без исклучок. Тоа значи дека пушење нема да биде дозволено во ресторани, кафеани, барови, меани, кантини и други угостителски објекти за исхрана.
Дополнително, пушењето ќе биде забрането и на терасите, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни, што практично значи дека голем дел од т.н. „затворени тераси“ ќе мора да станат непушачки зони.
Новите правила одат и чекор подалеку – пушењето ќе биде забрането во автомобили во кои има деца, како и на автобуски и железнички станици, на пазари, како и во низа други јавни институции и простори.
На удар не се само класичните цигари. Со новиот закон, истата забрана ќе важи и за сите видови електронски цигари и вејп уреди, а целосно ќе се забрани и користењето ароматизирани тутунски и никотински производи.
„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, стои во предлог-законот.
Особено значајна новина е тоа што цигарите целосно ќе исчезнат од видното поле на купувачите. И обичните и електронските цигари нема да смеат да се рекламираат, ниту да бидат видливо изложени на рафтовите во маркетите и продавниците.
Овие построги законски измени наскоро ќе бидат објавени на платформата ЕНЕР, по што ќе се отвори јавна дебата. Од Министерството за здравство, кое е креатор на законските измени, порачуваат дека ваквите мерки се неопходни и дека државата е на чекор од сериозна здравствена катастрофа.
„Со предлог-законот се воведуваат појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со посебен фокус на превенција и заштита на децата и младите. Целта е намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување создавање нови генерации зависници“, велат од Министерството за здравство.
Податоците се алармантни. Според Фондот за здравствено осигурување, над 45 проценти од возрасната популација во Македонија е активен пушач, што е далеку над европскиот просек. Повеќе од половина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, а статистиката покажува дека околу 4.000 луѓе годишно умираат од болести поврзани со пушењето.
Со новиот закон, Македонија јасно става до знаење дека здравјето на граѓаните, особено на децата и младите, станува приоритет, дури и по цена на најстроги рестрикции досега.

