Она што нашинците го направија во Волонгонг, Австралија, е навистина за секое почитување и најискрено поздравување. Уште еднаш се покажа дека, и на илјадници километри од татковината, македонската традиција, култура и идентитет се чуваат со срце, песна и заедништво.
Во организација на Cringila Lions Football Club и MKUD „Makedonski Biseri“ од Волонгонг, беше приредено вистинско македонско доживување – како сред село, токму онака како што со децении се правело во македонските села. Без гламур, без туѓи влијанија, туку со искрена љубов кон корените.
Музиката беше исклучиво македонска, со ора и песни што се пеат со душа, а за одличната атмосфера беше задолжена Зоре Мицовска со нејзиниот бенд, кои со својот настап ги кренаа сите на нозе. Од првите тонови па сè до крајот на денот, се играше, се пееше и се славеше Македонија.
Настанот беше збогатен и со штандови со традиционална пијачка и скара, што дополнително ја доловија сликата на едно вистинско македонско народно собирање. Барем на момент, сите присутни се почувствуваа како да се дома – во Македонија, каде што ората не престануваат, а песната се пренесува од генерација на генерација.
Цел ден се виеја македонски ора, се слушаа познати народни мелодии, а насмевките и солзите радосници сведочеа за силната врска што дијаспората ја има со својата татковина.
Ова е најдобар доказ дека Македонија не е само географија, туку чувство. Додека има вакви луѓе, вакви организации и вакви настани, македонскиот идентитет ќе живее – без разлика каде во светот.
Честитки за организаторите, учесниците и сите што беа дел од оваа македонска приказна во Австралија. 🇲🇰



