Традиционално прославен Илинден во селото Плаке – со музика, игра и комитски дух

Денес, во селото Плаке, Охридско, свечено и традиционално се одбележа големиот празник Илинден. Централната прослава се одржа на средсело, на познатиот Плац, каде што се собраа голем број жители и гости.

Веселбата започна со настап на музичката група Здраве Музик, кои ја загреаa атмосферата со традиционални македонски звуци. Следеше прекрасен настап на играорната група Гердан од Охрид, кои ја воодушевија публиката со својот фолклорен репертоар.

Во духот на историјата и традицијата, беше изведена и импровизирана сцена на напад врз селото од страна на комити, што ја раздвижи публиката и внесе посебна патриотска нота во настанот. Настанот кулминираше со пукање од традиционалното цресово топче, што е неизбежен симбол на празникот.

По официјалниот дел, за сите присутни беше организиран заеднички ручек, кој оваа година привлече особено голем број посетители, меѓу кои и многу млади.

Прославата продолжи со музика, оро и дружење до доцна попладне, а беа избрани и кумовите за следната година, кои ќе ја продолжат традицијата на организирање на овој значаен празник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*