Во прекрасна атмосфера исполнета со дружење, насмевки, традиционални македонски вкусови и заедништво, денес во просториите на Фудбалскиот центар во Рокдејл – Сиднеј, во организација на прилепското друштво „Методија Андонов – Ченто“ и Управниот одбор на ФК „Илинден“, успешно се одржа долгоочекуваниот „Пиво и Скара Фест“. Уште од раните утрински часови, бројни посетители од сите генерации пристигнуваа да бидат дел од оваа прекрасна манифестација, која уште еднаш покажа дека македонската заедница во Австралија знае како да ја негува традицијата, пријателството и заедничките вредности. Мирисот на свежо подготвената скара, ладното пиво, добрата музика и одличното расположение создадоа вистински фестивалски амбиент. Настанот беше место каде што се сретнаа стари пријатели, се создадоа нови познанства и уште еднаш се потврди силната поврзаност на Македонците кои живеат далеку од татковината. Посебни честитки заслужуваат сите доброволци од прилепското друштво „Методија Андонов – Ченто“, кои со огромен ентузијазам, труд и посветеност работеа за фестивалот да биде организиран на највисоко ниво. Искрени честитки и голема благодарност до претседателот Оливер Димовски, кој заедно со својот тим уште еднаш покажа што значат добра организација, визија и љубов кон македонската заедница. Овој фестивал не беше само гастрономски настан – тој беше вистинска прослава на македонскиот дух, традицијата и единството, испраќајќи силна порака дека каде и да живееме, Македонија секогаш е во нашите срца.


Се надеваме дека „Пиво и Скара Фест“ ќе стане традиционална манифестација која секоја година ќе собира сè поголем број посетители и ќе продолжи да биде симбол на заедништвото на Македонците во Австралија.
Телевизија ИН направи еклузивен прилог погледнете

Големи честитки до организаторите, доброволците и до сите посетители кои со своето присуство придонесоа овој фестивал да биде вистински успех! Браво!



