Горан Пандев ги брои последните фудбалски денови во кариерата. Трансферот од Џенова во Парма за последната полусезона беше изненадувачки, па струмичанецот реши да објасни. Во редовите на „грифоните“ владее лоша атмосфера и Пандев потврди дека индиректно му било покажано дека не е потребен.
„Кога размислувам на Џенова, боли. Четири дена не можев да спијам по трансферот во Парма. Сепак, во Џенова ми покажаа дека не сум им потребен и ова беше вистинскиот избор.
Тука во Парма веруваме во плеј-оф. Буфон? Ми кажа дека е среќен што дојдов. Кога си заминував од Џенова, никој не ми кажа: „Остани да им помогнеш на младите“. Ми рекоа ако сакаш да заминеш, замини. Во тој клуб останав најдолго, моето семејство е во Џенова и јас ќе живеам таму“, изјави Пандев.
Покрај разговорот за клупскиот фудбал, поранешниот капитен на репрезентацијата на Македонија се осврна и на националниот тим.
„Можеби погрешив што не се пензионирав по Европското првенство, но сакав да заминам играјќи пред фановите на Џенова и пред полн стадион. Овојпат е навистина крај. Нема да играм за Македонија во баражот за Мундијалот“, заклучи струмичанецот.
Иако фановите на Македонија повикуваа Горан Пандев да помогне, сепак тоа беше нереално бидејќи веќе ја објави репрезентативната пензија по Европското првенство.
Македонија токму во Италија ќе се судри со европскиот првак во полуфиналето на баражот за Светското првенство.


