Официјална Софија доби датум од Европскиот суд за човекови права
Прашањето за македонското малцинство во Бугарија е тема што постојано тлее и се разгорува во македонско-бугарските односи. Оваа тема особено добива актуелност по секоја пресуда на Европскиот суд за човекови права во корист на претставниците на македонското малцинство во Бугарија, поради ноторниот факт дека оваа земја не им дозволува да го ползуваат човековото право на здружување и постојано изнаоѓа начини и оправдувања да го одложува спроведувањето на пресудите. При неодамнешната посета на Македонија, претседателот на Европскиот суд за човекови права, Роберт Спано, во однос на пресудите против Бугарија, потсети дека општото начело е сосема јасно: секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со конвенцијата да ги спроведува пресудите на судот!
– Прашањето што се однесува на спроведувањето и извршувањето на судските одлуки е важно, но треба да потсетиме дека постои јасна разлика меѓу улогата на судот да изрекува одлуки и посебниот оддел на Советот на Европа што врши надзор за спроведувањето. Претседателот на судот не е тој што треба јавно да дава коментари. Меѓутоа, општото начело е сосема јасно, тоа е дека секоја земја-членка на Советот на Европа е обврзана со конвенцијата да ги спроведува пресудите на судот. Во голем број пресуди судот потсетува на ова начело и државата мора да ги спроведе одлуките на судот во духот на конвенцијата – експлицитно, во рамките на своите ингеренции, наведе претседателот на ЕСЧП, Роберт Спано, притоа потенцирајќи дека „таа обврска е недвојбена и јасна“.
Прашањето на македонското малцинство и 16-те пресуди на ЕСЧП што треба да ги спроведе Бугарија станаа дел од комплексноста на ситуацијата создадена со бугарското вето за македонските евроинтеграции, иако официјална Софија сака да го стави ад акта. Меѓутоа, претседателот на ЕСЧП, Спано, нагласува дека независно од „конкретни поединечни чувствителни прашања меѓу две земји во однос на спроведувањето и одредени видови пресуди“, со овој случај се доведува во прашање општата легитимност и авторитет на Судот во Стразбур.
– Во таа смисла многу е јасно дека општата легитимност е авторитетот на системот и причината за неговото постоење е кога Судот за човекови права во Стразбур ќе изрече обврзувачка пресуда на поединечна земја-членка. Таа земја-членка со тоа што е потписничка на конвенцијата има направено еден избор, дека ќе се смета за обврзана, тоа е логичкиот тек, меѓутоа како се одвиваат работите во секој конкретен случај треба министерскиот совет да ги обезбеди, а не Судот – посочи претседателот на Европскиот суд за човекови права.


