Овој импресивен археолошки локалитет се наоѓа во непосредна близина на Скопје, поточно на 2 км северозападно од градот во скопската населба Визбегово.
Бил изграден со намена за донесување вода до античкиот град Скупи од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки со пречник од 25 см што оделе во правец запад-исток. Завршувал со чешма од каде се полнела вода за пиење и се поела стоката.

Во својата архитектонска композиција археолошкиот локалитет Скопски аквадукт во правец север – југ содржи две пристапни рампи, 53 столбови, 54 основни и 42 помали сводови на затекнатите олеснувачки затворени и отворени отвори над столбовите. Вкупната развиена должина на споменикот на културата изнесува 387,98м. Висинската кота на Јужната рампа 279,46м и на Северната рампа е 280,485м или со денивелација од 1,025м во постојната состојба.
За него не постојат прецизни археолошки ископувања и истражувања, поради што не се знае точното време на градбата и неговиот градител, односно постојат повеќе претпоставки.
Археолошкиот локалитет Скопски аквадукт се претпоставува дека го изградил Јустинијан I во период од 527 – 554 година, па поради тоа се нарекува и Јустинијанов аквадукт.

Во 1669 година Англичанецот, доктор Браун, напишал дека аквадуктот е “прекрасна древност, која голема гордост му прави на ова место” и дека на аквадуктот има “двесте отвори”. Според Прокопиј водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 г.
Се вели дека тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на XV век.
Скопски аквадукт за последен пат бил обновен по Скопскиот земјотрес во 1963 г., кога биле поправени три лака и два столба кои паднале од јачината на земјотресот. Ех, оваа моја чудесна земја.

