Охрид и оваа година пулсира во знакот на детската музика, радост и талент со 27. издание на добро познатиот и омилен фестивал на детска песна „Распеано рибарче“ 2026, кој повторно ќе ја исполни сцената со насмевки, аплаузи и нови музички бисери.
На сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе бидат изведени дури 43 нови детски песни, а во фестивалската програма ќе настапат повеќе од 70 изведувачи, танчари и танчарки, кои со својата енергија и талент ќе приредат вистински музички спектакл за публиката.

Организаторите најавуваат пет фестивалски претстави, а завршната и вечерна претстава, која е отворена за сите охриѓани и гости на градот, ќе се одржи утре – четврток со почеток од 19 часот. Фестивалот свечено ќе го прогласи за отворен претставник од Општина Охрид, со што официјално ќе започне уште едно незаборавно издание на оваа традиционална манифестација.
„Распеано рибарче“ одамна не е само фестивал – тоа е вистински охридски бренд, препознатлив културен белег и место каде што се раѓаат нови музички ѕвезди. Токму на оваа сцена низ годините своите први чекори ги направиле бројни млади таленти, идни пејачи, автори, композитори и аранжери, кои подоцна продолжиле успешно да чекорат по музичкиот пат.
Детските песни од првите фестивалски изданија и денес живеат, се пеат и будат носталгија кај генерациите што пораснале со нив. Хитовите што ги обединуваат и старите и новите генерации се најдобар доказ за квалитетот и вредноста на оваа музичко-сценска манифестација, која е високо почитувана не само во Охрид, туку и низ цела Македонија.
Несомнено е дека и годинашната продукција ќе донесе нова низа песни кои ќе останат запаметени во детската меморија. Тие ќе се пеат долго, ќе се прераскажуваат и ќе останат дел од детството на многу генерации. А можеби токму некое од децата што годинава ќе застане пред микрофонот, во иднина ќе стане големо музичко име и ќе живее професионално за музиката.
Фестивалот и оваа година се реализира под покровителство на Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков, а меѓу поддржувачите и спонзорите се и „Жито Леб“ и INTV Македонија.
Посебна вредност за публиката претставува тоа што сите изведени детски песни од ова издание, покрај на YouTube каналот на INTV, ќе бидат емитувани и на сателитската INTV телевизија, овозможувајќи фестивалската магија да стигне до гледачите ширум Македонија, но и до македонската дијаспора низ светот.
„Распеано рибарче“ останува симбол на детската радост, музичката искреност и местото каде што секоја песна има своја приказна, а секое дете – своја сцена.



