По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, Охрид и годинава е центарот каде што најмасовно се собира народ од цела Македонија. Градот на Свети Климент и Свети Наум повторно живее во духот на верата, традицијата и македонската култура, а овојпат – музичкиот дел добива посебна тежина и симболика.
Ексклузивно за Водици, организаторите направија врвен избор кој ќе ги воодушеви не само охриѓани, туку и сите посетители што ќе бидат дел од овој голем празник. Наместо комерцијални трендови, фокусот е ставен таму каде што припаѓа – на македонската етно музика и старите народни песни, изведени во автентичен дух.
Годинава, Водици ќе одекнуваат од две грла – две Елени, два силни женски вокали кои го носат етно-звукот со достоинство и емоција.
Првата е фолк-дивата Елена Велевска, која за првпат јавно ќе ги изведе песните од своето најново ЦД со наслов „8 аманети“ – албум составен од стари македонски песни, обработени во современа, но длабоко почитувачка етно-верзија. Овој проект е вистински музички аманет за идните генерации и доказ дека традицијата може да живее и денес.

Втората е Елена Андоновска, исто така силно препознатливо име на етно-сцената, која во Охрид ќе го промовира својот нов етно албум. Со нејзиниот специфичен израз и љубов кон изворната песна, таа дополнително ја заокружува сликата на празник достоен за македонската духовност.

Ова е вистински пример како се чува македонскиот идентитет, јазик и култура. Да се потсетиме – имаше време кога дури и за ваков голем празник се носеа изведувачи од соседството, а се пееја песни на туѓ јазик. Денес, Охрид испраќа јасна порака: Водици се слават со македонска песна, македонски збор и македонска душа.
Уште еднаш – честитки за Охрид и за сите одговорни кои покажаа визија, почит кон традицијата и љубов кон сопствениот народ. Водици не се само настан – тие се идентитет.
