Галичица стана сцена на детска магија: Промовирана новата книга „Рисот Ристе и пријателите од Африка во Охрид“

Вчера, на 25 декември, во просториите на НП „Галичица“ во Охрид, се одржа промоција на новата детска книга „Рисот Ристе и пријателите од Африка во Охрид“, од авторката Весна Константинова.

По успешно реализираниот настан, авторката на својот Фејсбук профил изрази задоволство и благодарност до сите кои придонеле за реализацијата, потенцирајќи дека крајот на 2025 година претставува нов почеток за ликот на Рисот Ристе и неговите пријатели. Таа упати благодарност до Општина Охрид, НП „Галичица“, „Збогум Буково“, Охридски комуналец, Салар Интернешнал, Енхелеус Лихнид – „Пакетчиња за сите дечиња“, Хотел Су, како и до бројни други поддржувачи. Посебна благодарност беше упатена и до учениците од ОУ „Григор Прличев“, како и до Македонското еколошко друштво, кое испрати свои претставници на настанот.

Во разговор со авторката дознавме дека оваа, четврта по ред книга со веќе омилениот лик Рисот Ристе, е поддржана од Општина Охрид, во рамки на јавниот повик за предлог-идеи од јавен интерес во областа на културата за 2025 година. Поддршката, како што истакнува Константинова, за неа има особено значење, поради што јавно упати благодарност до г-ѓа Ива Николоска, претставник на општината која присуствуваше на настанот, како и до сите оние кои посветено работат на доближување на културата до најмладите. Како доказ за таа посветеност, таа ги наведе бројните културни настани и активности што Општина Охрид ги реализира токму за децата.

Како и претходните дела, и оваа книга Весна Константинова ја посветува најнапред на своите синови Михаил и Давид, а потоа и на сите деца. На прашањето што ја мотивирало да се пријави на конкурсот, таа едноставно одговара – љубовта, бидејќи, како што вели, поголема сила од неа не постои.

Во рамки на промоцијата, а во согласност со еколошката тематика на книгата, беа одржани две еколошки работилници, предводени од Драгана Карашова од „Збогум Буково“, заедно со Охридски комуналец и Салар Интернешнал. Свое стручно излагање за рисот имаше и Надица Кремишоска од НП „Галичица“, додека Енхелеус Лихнид – „Пакетчиња за сите дечиња“ ги израдува најмладите со големи пакети слатки подароци.

На настанот присуствуваа и претставници на МЕД.

Авторката ја промовираше книгата преку интересна и интерактивна комуникација со учениците од ОУ „Григор Прличев“, по што секое дете доби и примерок од книгата на подарок.

Модератор на настанот беше ученичката Миа Момироска, која се истакна со одлични ораторски и водителски способности, поради што сите учесници ѝ посакаа многу успех и во иднина.

По завршувањето на официјалниот дел, во хотел „Су“, беспрекорно украсен во духот на празниците, следуваше и мала коктел-забава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*