Историјата се пишува тогаш кога коренот ќе ја допре иднината, а традицијата ќе проговори со јазик што го разбира цел еден народ.
Има вечери кога песната не се слуша само со ушите, туку длабоко се врежува во срцето. Синоќа беше токму таква ноќ. За првпат во македонската музичка историја, македонската народна песна ја исполни до последно место салата „Борис Трајковски“, претворајќи ја во храм на македонската душа, гордост и идентитет.

Она што со децении важеше за невозможно, она што многумина го сметаа за недостижен сон за македонските народни пејачи и инструменталисти, браќата Влатко и Златко Миладиновски го претворија во реалност. Со својата автентичност, бескомпромисна посветеност и искрена љубов кон македонската песна, тие покажаа дека традицијата не е минато – таа е жива, моќна и подготвена за големата сцена.
Овој концерт беше силна порака дека македонската народна песна има капацитет да стои рамо до рамо со најголемите регионални музички имиња. Големите концертни сали повеќе не се резервирани само за српските и хрватските ѕвезди – тие од синоќа станаа и дом на македонската песна, македонскиот корен и македонската вистина.
Настанот не беше само музички спектакл, туку културна победа. Победа на традицијата над заборавот, доказ дека коренот е длабок и жив, дека народната песна има своја верна публика, огромна сила и сигурна иднина.
Длабок поклон и искрена јавна честитка до браќата Миладиновски за овој историски подвиг, кој ќе остане запаметен како момент кога македонската песна ја освои најголемата сцена и остави трајна трага во македонската музичка историја.

