Имено, загрижената учителка Јанка на 8 февруари 1902 година пишува писмо, кое следниот ден го испраќа до редакцијата на софискиот весник „Дело“, барајќи да се демантираат гласините за наводното убиство на Делчев.
Во тоа кратко и досега непознато писмо, Охриѓанката Јанка Каневчева, жената која Гоце неизмерно ја сакал, пишува: Почитуван редакторе; Ви испраќам во поштенски марки претплата за три месеци на Вашиот весник „Дело“. Ве молам, ако е возможно, да објавите еден демант на распространетите лажни гласови дека господинот Гоце Делчев бил убиен. Ако е можно тоа да се објави веднаш и весникот да ми се испрати на адреса: Пловдив, Петар Мутавчиев, учител. Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа.
Потоа, на крајот од писмото, Јанка пишува дека писмото го пишува во Софија на 8. февруари, и „останува со вера“ дека демантот ќе се објави. А таа добро знаела, бидејќи постојано била во контакт со својот сакан, дека Гоце Делчев токму во тоа време, значи токму кога наводно е убиен, бил во обиколка на четите.
Неговата Јанка знаела дека веста е лажна затоа што Гоце, секогаш, кога имал и најмала можност, преку куририте испраќал абер до неа дека е здрав и жив. Таа знаела се’: знаела каде е и кога ќе дојде. Кон крајот на истата 1902 година, кога којзнае по кој пат се проширил глас дека е убиен, Јанка со растреперено срце го пречекува во својот дом. Тогаш не демантира, зашто лагата е очигледна, а Гоце е до неа. Пресреќна е што може да го прегрне; што може да му се порадува, што можат да бидат барем за кратко заедно, вљубени и среќни.
Но, за жал, нивните заеднички среќни мигови, траеле само неколку дена. По Божиќните празници таа 1902 година, Гоце Делчев, пред да замине повторно во Македонија, доаѓа на проштална вечера кај неа. Неговата Јанка му подготвува убава вечера, но му предава и црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка. Јанка на шега му вели дека лавот е тој, а девојката е таа. Гоце гласно се смее, земајќи го знамето што таа самата го извезла и бродирала.
повеќе на https://ohridpress.com.mk/?p=151188&fbclid=IwAR2Z89FnA7R7W1IP0Z4SpdA_wrbry4hNV2sRQAwPe46D_2jGJamdXXHFnnc

