Кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ле Јученг денеска изјави дека НАТО треба да се држи до она што го нарече, „ветување дека нема да се шири на исток“.
Кинески функционер ги критикуваше далекусежните санкции на Западот против Русија и рече дека главната причина за таа војна „лежи во менталитетот на Студената војна и политиката на моќ“, пренесува АП.
Ле соопшти и дека со натамошното проширување на НАТО, алијансата „ќе се приближи до предградијата на Москва“, од каде, како што наведе, проектилот би можел да го погоди Кремљ во рок од седум или осум минути.
– Ако турнете толку голема земја, особено нуклеарна сила, во ќош, тоа би довело до последици кои се премногу страшни за да се замислат – нагласи кинескиот дипломат.
Ле изрази разбирање за често повторуваната формулација на рускиот претседател Владимир Путин „дека НАТО требаше да биде распуштен и предаден на историјата заедно со Варшавскиот пакт“, според АП.
– Меѓутоа, наместо да се распаѓа, НАТО продолжи да се зајакнува и проширува и воено интервенира во земји како Југославија, Ирак, Сирија и Авганистан. Последиците од продолжувањето на овој начин можат добро да се предвидат. Кризата во Украина е сериозно предупредување – истакна Ле.
Тој исто така рече дека кинескиот претседател Си Џинпинг во петокот во разговор со американскиот претседател Џозеф Бајден ги повикал „сите страни заеднички да го поддржат дијалогот и преговорите меѓу Русија и Украина кои ќе дадат резултати и ќе доведат до мир“.
Како што наведе, Си порачал дека „САД и НАТО треба исто така да водат дијалог со Русија за да се реши суштината на украинската криза и да се ублажат безбедносните грижи и на Русија и на Украина“.


