Примале не вакцинирани гости и не ги почитувале протоколите за заштита од Ковид 19. Државниот пазарен инспекторат затвори и казни 5 угостителски објекти, 4 во Скопје и 1 во Гостивар. Изминатите 15 дена инспекторите направиле 6000 контроли и над 250 инспекциски надзори. Првата недела пред се делувале превентивно.
-Во тие објекти каде е констатирано не почитување на протоколите издадени се платни налози во вкупен износ од 4.000 евра за одговорното лице, 6.000 евра за правното лице и 500 евра за физички лица кои нерегистрирано вршат дејност, изјави Анета Симеска Димоска, директор на Државниот пазарен инспекторат.
Од ДПИ велат дека изминатиот период предмет на контрола не биле само угостителски објекти, туку и обложувалници и други дејности кои се опфатени со новите мерки. Инспекторите проверувале дали се почитувале мерките и на свадби и други прослави. Во повеќето случаи имале асистенција од полицијата.
-Да често имавме асистенција од полицијата, но имаше и објекти во кои инспекторите на ДПИ сами ја вршеа контролата, рече Симеска Димоска.
Според последните владини мерки од 15 август во угостителски објект или трговски центар може да влезат само граѓани кои се вакцинирани со најмалку една доза или прележале Ковид во последните 45 дена.
Здравствените власти се задоволни бидејќи пораснал процентот на вакцинирани, а угостителите пак реагираат дека драстично им се намалил прометот.


