Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашното гостување на Сител телевизија, јавно го повика лидерот на Левица, Димитар Апасиев, да им се приклучат во големото обединување на опозицијата и заедно да ги поразат СДСМ и ДУИ.
Мицкоски порача дека обединет опозициски блок ќе го растури ова тенко владино мнозинство. Мицкоски посочи дека во завршна фаза се преговорите со албанските опозициски партии за заедно настапување на престојните локални избори, затоа што, како што потенцираше – проблемите на сите се заеднички.
– Градиме мостови и коалиции со сите политички партии и можам да потврдам дека во завршна фаза се преговорите со албанските опозициски партии да на овие избори уште во првиот круг во определени општини настапиме заеднички. Во една коалиција која ќе ја победи неспособноста, срамот понижувањата, криминалот, пљачката на граѓаните бидејќи солзите на мајката Македонка и мајката Албанка и Турчинка, Влаинка, Ромка подеднакво болат кога се простува од своето дете кое што поради што не добило шанса во својата држава одлучуваат да ја напуштат Македонија. Ако Левица сака да делува опозициски и да ја поразиме оваа неспособна владеачка гарнитура нека се приклучат кон овој опозициски фронт“, рече Мицкоски.
До овој момент од Левица молк за предлогот од Мицкоски.



