Засега 450 цивилни граѓани од Авганистан треба да се сместат во хотели и мотели во земјава, а според последната владина најава тие треба да стасаат во Македонија до крајот на неделава. Хотелиерите кои ги контактиравме малку знаат за оваа операција и велат дека не се контактирани за сместувањето. Тврдат дека секој сопственик сам треба да си одлучи дали ќе сместува гости од Авганистан и децидни се дека тоа треба да се плати. Иако според најавата првите летови од Кабул кон Скопје треба да се веќе за неколку дена, од Владата нема прецизни информации во кои хотели и мотели ќе се сместат, но и како се избираат тие капацитети. Во моментот, според неофицијални информации, се собираат понуди од заинтересирани, но не се соопштуваат детали. Првичната информација беше дека Владата ги задолжила Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени.
Крсто Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) вели дека никој не ги побарал во врска со ова. За Фактор изјави дека хотелиерите се подготвени да прифаќаат гости во секое време, но додаде дека не планираат да бидат социјални згрижувачи, туку за услугата да им се плати. Вели дека не треба да се наметнуваат решенија, туку да биде право на избор.
„Ние сме подготвени да прифатиме гости, без оглед од каде се. Моментно е важно само да се најдат капацитети, тие во туристичките места се дел исполнети, па треба да се бираат или во главниот град или во зимските центри. Не не контактирал никој, но важно е за услугата да се плати, не да згрижуваме гости социјално. Владата за нас ништо не попуштила, така нема и ние, вели Блажевски.
Од Владата соопштија дека предвидено е да дојдат во Македонија граѓани од локалното насленеие од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти.
„Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ). Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација, соопштија од Владата.
Фактор попладнето испрати прашања до Владата за тоа во кои хотели и мотели ќе се сместат луѓето и како се избрани тие, но до сега немаме одговор.
Тврдат и дека граѓаните од Авганистан ќе пристигнат со прецизно организирани авионски летови, дека се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти.
А.Т.



