Влада -Просечната плата стаса до 30.000 денари

Најбрзо растат платите во бизнисот со нафта. За една година, или од јануари лани до јануари годинава, според државната статистика, растот на нето платата во секторот производство на кокс и рафинирани нафтени производи изнесува 33,3%. 

За еден месец пак, од декември до јануари растот изнесувал близу 15%. 

Пораснала и државната просечна плата во јануари. Изнесува 29.980 денари, или уште 20 денари ја делат од ветувањето за просечна плата од 30.000 денари. 

Податоците на статистика покажуваат дека неколку сектори во првиот месец од оваа година бележат двоцифрен раст, меѓу нив, производство на компјутерски, елекронски и оптички производи, хотели и ресторани. Кај трговијата има раст на платите од 11% на годишно ниво.

Намалување на нето платата има кај дејностите за изнајнмување под закуп, лизинг и производство на тутунски производи. 

И Владата се пофали со растот на просечната плата. Во соопштението се наведува дека јануарската плата годинава е за 1708 денари поголема од ланската.

–Доколку последниот податок го споредиме со јануари 2017 година кога просечната плата била 22.750 денари, разликата е 7.230 денари. Владата продолжува со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст. 

Со новите методологии кои Владата ги утврди и за платите и за пензиите, тие ќе продолжат континуирано да растат, се наведува во владиното соопштение.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*