Мелбурн на 4 април ќе биде во знакот на македонската гордост и заедништво! Во свечената сала на Ferraro Receptions, ќе се одржи големата Гала вечер во организација на INTV Australia – настан посветен на најзаслужните Македонци во Австралија.
Ова ќе биде вечер на признанија, емоции и силни пораки, каде ќе бидат одликувани личности кои со својата работа, хуманост и посветеност ја чуваат македонската култура, музика и традиција далеку од татковината.
НОМИНАЦИИТЕ СЕ ВО ТЕК – МЕЛБУРН ОДЛУЧУВА!
Изборот на добитниците ќе се врши преку систем на номинации, што значи дека заедницата директно учествува во изборот на најдобрите.
Номинациите се во тек, а сите што познаваат личност која заслужува признание можат да ја предложат и да станат дел од овој историски настан за македонската дијаспора во Мелбурн.

Признанијата лично ќе ги додели основачот на ИНТВ, Ване Петкоски, кој ќе пристигне од Македонија заедно со телевизиска екипа. Настанот ќе биде пренесуван во живо, со медиумско покривање што ќе овозможи атмосферата од Мелбурн да стигне до Македонците ширум светот.
ЕСТРАДНИ ЅВЕЗДИ ДОАЃААТ ВО МЕЛБУРН
Гала вечерта ќе биде збогатена со настапи на познати и звучни имиња од македонската естрада. Ѕвезди од Македонија ќе донесат дел од татковината на австралиското тло, создавајќи вечер исполнета со македонска песна, традиција и силни емоции.
НАСТАН ШТО ЌЕ ПРЕРАСНЕ ВО ТРАДИЦИЈА
Во организацијата се вклучени повеќе македонски здруженија, бизнисмени и општествени активисти од Австралија, со јасна цел – обединување на дијаспората околу една заедничка мисија.
Организаторите најавуваат дека ова е само почеток. Планот е гала вечерите да станат традиционален годишен настан и да се прошируваат и во други австралиски градови, но Мелбурн ќе остане симболот на ова големо обединување.
4 април во „Фераро Ресепшн“ нема да биде само уште една дата во календарот – туку вечер што ќе ја одбележи македонската заедница во Австралија со достоинство, гордост и единство.

