„Во Киев се чувствувам ПОБЕЗБЕДНО ОТКОЛКУ ВО АВСТРАЛИЈА“

Ако се следат одредени написи низ западните медиуми руската инвазија на Украина е веќе започната. Во Киев, пак, сликата е сосема поинаква – животот е нормален. Конфузијата се зголемува само со спротивставени пораки од властите.

„Мојот телефон е полн со пораки“, вели Јенс Деслер. Пријателите и роднините му пишуваат, прашувајќи го кога ќе го напушти Киев. Но, на овој претприемач од Германија не му се брза.

Слично е и со повеќето странци во главниот град на Украина.

Веста дека некои западни земји го повлекле персоналот од амбасадите звучеше како војната да е наблизу. Брисел потегот го нарече „драматизација“, а повлекувањето на персоналот беше критикувано од официјален Киев.

„Обично разговарам со моите родители еднаш месечно. Сега разговараме на секои два дена“, вели Кен Херберт, кој се преселил во Киев од Сиднеј пред две години.

Австралиската амбасада, исто така, го евакуираше персоналот и го повикале Херберт да праша кога ќе замине.  Бил изненаден – не планира да си оди.

„Во принцип, овде се чувствувам побезбедно отколку во Австралија“, вели Херберт за ДВ.

„Не одам по темните улици во Сиднеј навечер“, вели тој, додека во Киев не се грижи за тоа.

„Нема војници, нема авиони, нема мирис на војна или опасност“, рече Јенс Деслер.

Тој додава дека не може да ја препознае Украина за која пишуваат светските медиуми, а која се чини дека е во војна.

„Сонцето грее овде, има пица, суши, има сè“, вели Деслер.

Зошто толкава разлика меѓу перцепцијата на жителите на Киев и меѓународните медиуми?

Американката Кари Хипко-Одерман, која со семејството се преселила во Киев во 2018 година, вели дека Украинците живеат во тешка ситуација од 2014 година по анексијата на Крим и руската поддршка за сепаратистите на истокот на земјата.

Со други зборови – како да се навикнати на тоа.

Различни пораки секој ден

Властите испраќаат спротивставени сигнали. Неодамна во видео порака, претседателот Владимир Зеленски ја оцени опасноста од конфликтот како мала и ги повика Украинците да останат смирени и да не купуваат залихи на храна и залихи.

Еден ден подоцна, тој за новинарот на Вашингтон пост изјави дека Харков, вториот по големина град во Украина, веројатно ќе биде цел на руската инвазија.

Висок украински офицер изјавил дека Русите најверојатно ќе удрат на 20 февруари, денот кога завршуваат Зимските олимписки игри во Пекинг.

Наводно, затоа што Русите нема да сакаат повторно да им го украдат шоуто на Кинезите, како кога интервенцијата во Грузија го привлече вниманието на светските медиуми од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.

А сепак, некои важни соработници на претседателот Зеленски го нарекоа групирањето на руските војници во близина на границата,  политички блеф.

Тогаш не е ни чудо што експертите и лаиците во Украина тешко можат да ја разберат вистинската опасност.

Многумина се обраќаат до медиумите и форумите за да објаснат како да се подготват – за секој случај. Спакуван куфер, готовина и прва помош треба секогаш да бидат при рака.

Социјалните мрежи се преполни со препораки дека со себе треба да имате шише вотка бидејќи одлично ги дезинфицира раните или како да направите бенгалски оган со кој можете да испратите повик за помош. Но, далеку од тоа дека сите се подготвуваат како утре да има војна.

„Колку повеќе ги следите германските или американските вести, толку повеќе се плашите“, вели Јенс Деслер.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*