Со многу емоции, насмевки и неизмерна радост, членовите на МКУД „Македонски Бисери“ пристигнаа на охридскиот аеродром, со што официјално започна нивната долгоочекувана Турнеја низ Македонија 2026.
Ансамблот доаѓа од австралискиот град Волонгонг (Wollongong), место во кое живее една од најголемите и најактивните македонски заедници во Австралија. Токму таму, далеку од родната земја, со децении се негуваат македонската песна, игра, јазик и традиција, а МКУД „Македонски Бисери“ е еден од најголемите амбасадори на македонската култура.
При нивното пристигнување во Македонија, членовите на друштвото беа пречекани со топло добредојде од имиграциската служба и членовите на МКУД „Илинден“ – Струга, кои уште еднаш покажаа дека љубовта кон татковината ги обединува Македонците од сите страни на светот.
Во рамките на турнејата, „Македонски Бисери“ ќе имаат бројни настапи во повеќе градови низ државата. Публиката ќе може да ужива во нивните концертни изведби во Охрид, Струга, Скопје, како и во други градови низ Македонија, каде преку песна, оро и прекрасни народни носии ќе го претстават богатството на македонскиот фолклор.

За членовите на ансамблот ова не е само турнеја, туку и емотивно враќање кон корените и можност да ја почувствуваат татковината која ја носат во своите срца иако живеат илјадници километри далеку.
Настапите на МКУД „Македонски Бисери“ се уште еден доказ дека македонскиот дух живее силно и надвор од границите на Македонија и дека нашите иселеници се вистински чувари на традицијата и националниот идентитет.
Добредојдовте дома, Македонски Бисери! Од Волонгонг до Македонија, вашата песна и оро се најубавиот доказ дека љубовта кон татковината никогаш не згаснува. 🇲🇰
