„Мојата мисија е светот да ја види Македонија“ – 13-годишно девојче од дијаспората стана најмладиот глас на татковината

Има само 13 години, живее далеку од родната земја, во Германија, но нејзиното срце силно чука за Македонија. Младата Анастасија Анастасова со огромна љубов, гордост и посветеност секојдневно ја промовира татковината пред светската јавност.

Преку социјалните мрежи таа објавува видеа и фотографии со кои ги прикажува природните убавини, богатата историја, традицијата и културното наследство на Македонија. Нејзината цел е јасна – светот да ја запознае земјата од која потекнува.

Иако живее во Германија, Анастасија вели дека секој слободен момент го користи за да дојде во Македонија и да создава нови содржини со кои ќе ја претстави нејзината убавина.

„Секое слободно време го користам да си дојдам во Македонија и да снимам видеа за мојата Македонија. Моја мисија е светот да дојде да ја види Македонија. Можеби сме мала земја, но имаме огромна култура, историја и убавина“, вели младата Анастасија.

Со детска искреност, но со големо срце и силна порака, таа ги охрабрува младите да веруваат во себе и во својата татковина.

„Верувајте во себе и правете го тоа што ве исполнува. Верувајте во Македонија – затоа што вреди“, порачува таа.

Со својата енергија, ентузијазам и неизмерна љубов кон Македонија, Анастасија покажува дека вистинскиот патриотизам нема возраст. Понекогаш е доволна само една камера, едно видео или една фотографија за целиот свет да ја почувствува душата на Македонија.

На линкот подолу можете да ги проследите нејзините објави на официјалниот Фејсбук профил, каде секојдневно споделува дел од македонските убавини и ја раскажува приказната за својата татковина пред светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*