Деновиве екипата на естрадниот магазин Естрада плус доби важна информација од седиштето на Единствената Македонска Музичка Телевизија во Австралија, ИН ТВ кое што се наоѓа во Мелбурн.

Со оглед на моменталната ситуација поради пандемијата од коронавирусот која го зафати целиот свет, а во која што едни од најпогодените се нашите македонски музичари, првите лица на ИН Телевизија дојдоа до идеја да им помогнат на своите музички соработници од Македонија со скромна финансиска помош.
Имено, во текот на месец јули ќе се смени концептот на емисијата “Најдобриот на листата” која се емитува на сателитската ИН ТВ и на 18 регионални ТВ низ Македонија.

“Секоја недела во месец јули одговорните уредници на ИН ТВ ќе избираат 10 песни и изведувачи кои што изминатиов период снимиле видео запис со ИН Продукција. Во текот на целата недела, гледачите ќе имаат можност ЈАВНО да гласаат за “Најдобриот на листата” на јавната група на фејсбук насловена INTV SATELITSKA TELEVIZIJA, а победникот кој ќе биде објавен во емисијата “Најдобриот на листата”, ќе добие 400 австралиски долари. Овој принцип ќе се повторува 5 недели колку што има месец јули, што значи дека вкупно 5 пејачи или музички групи ќе добијат награда од 400 долари.”-велат одговорните лица на ИН Телевизија.
Оттаму додаваат дека не е исклучена можноста оваа финансиска помош која започнува да се доделува од месец јули, да биде продолжена и во текот на наредните месеци.


