Фолк пејачот Трајче Каралиоски, поранешен член на познатата и почитувана група „Пелагониски мерак“, веќе неколку години успешно ја гради својата соло кариера, оставајќи силен и препознатлив печат на македонската фолк сцена.
Каралиоски е еден од ретките пејачи кои со голема почит и одговорност пристапуваат кон старите македонски песни, враќајќи ги повторно во живот и доближувајќи ги до помладите генерации. Особено внимание привлече со обработката и интерпретацијата на песната „Софке на татко“, песна со длабоки корени од Егејскиот дел на Македонија, која благодарение на неговиот автентичен вокал и емоција повторно зазеде свое место меѓу публиката.

Покрај „Софке на татко“, во неговиот репертоар се наоѓаат и песни со силна патриотска и историска порака, како „Внуци на Гоце“, но и многу други изведби кои сведочат за неговата љубов кон македонскиот идентитет, традиција и музичко наследство.
Деновиве, Трајче Каралиоски беше дел и од снимањето на новогодишната програма на ИНТВ Австралија, која се реализираше во студијата на ИН продукција. Со своето присуство и настап, тој даде посебен шмек на програмата, носејќи македонска песна и емоција до нашите иселеници ширум светот.
Со искрен пристап, силен вокал и јасна мисија – да ја зачува и промовира македонската фолк традиција – Трајче Каралиоски продолжува да го гради својот пат како еден од најавтентичните интерпретатори на народната песна денес.

Leave a Reply