Бугарија не треба да прави отстапки за Македонија бидејќи нема што да се прави. Ако правиме отстапки, тоа значи дека се согласуваме со јазикот на омразата кој секојдневно не преплавува, смета бугарскиот историчар Христо Матанов, пренесува „БНР“. Според него, „бугарскиот премиер е премногу оптимист“.
„Не очекувам сензационален развој, згора на тоа, оние кои ни вршат притисок не го вршат истиот притисок врз властите на Македонија. Тоа создава впечаток дека притисокот е нерамномерен. Притисокот доаѓа од ЕУ и САД, кои погрешно ја дадоа геополитичката прогноза дека непристапувањето на Македонија ќе го зголеми руското влијание на овие простори“, истакнал Матанов.
„Македонија оди во пакет со Албанија, а Албанија е една од најпроамериканските нации“, посочил историчарот, потсетувајќи дека влезот на С. Македонија во НАТО не предизвикал превирања во Москва. Според него, оваа теза е неодржлива и е „еден вид инерција што западниот свет ја применува во нашиот регион“.
Матанов посочил дека бугарското јавно мислење е категорично да не се дозволи Македонија да преговара за членство во ЕУ пред да се имплементира Договорот за добрососедство.
„Има група Бугари кои се борат за некаков компромис. Јас на шега ги нарекувам татарска група. Ако треба да направиме компромис, ќе мора да признаеме дека сме Татари“, наведува Матанов.


