Илјадници се евакуираат од Сиднеј поради досега невидените поплави (ВИДЕО)

Снимката од најпрометниот град во Австралија покажува патишта претворени во порои, автомобили заробени во водата што носи се` пред себе.

Белинда, жителка на областа Вороноре, изјави за ABC дека никогаш во животот не видела како река тече толку брзо. На жителите на населбите Чипинг Нортон и Воронора во југозападниот и јужниот дел на градот им е наредено да ги напуштат своите домови поради зголемувањето на нивото на реките, објави новинската агенција АФП.

Црвен аларм за поплави е вклучен во неколку јужни предградија, а пет милиони жители на градот се предупредени на можноста за ненадејни порои во текот на викендот. Сиднеј, каде што непрекинато врне веќе две и пол недели, добил годишна стапка на врнежи во првите три месеци од 2022 година, објави Метеоролошката служба, пренесе агенцијата ДПА.

Ова е највлажниот почеток на годината во Сиднеј од рекордот поставен во 1858 година, велат метеоролозите. За време на викендот се очекува мало смирување, но прогнозите најавуваат нови врнежи од вторник. Досега итните служби одговориле на повеќе од 680 повици за помош на жителите погодени од невремето.

Надлежните предупредуваат на потенцијални свлечишта и одрони. Новите поплави се случуваат еден месец по поплавите на источниот брег, каде џиновските бранови зафатија цели плажи, вклучувајќи ја и познатата плажа Бонди.

Источна Австралија беше сцена на екстремни временски настани во последните недели поради природниот феномен Нина и климатските промени. Од почетокот на февруари во невремето и поплавите загинаа најмалку 22 лица. Дождовите во февруари и март предизвикаа историски поплави во источна Австралија, при што најтешко беа погодени северниот дел на Нов Јужен Велс и соседниот јужен Квинсленд.

Австралија е особено погодена од екстремните временски услови кои се влошени од климатските промени. Така, во средината на јануари, големи делови од земјата настрадаа од екстремни горештини, а температурите надминаа 50 степени Целзиусови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*
*