Граѓаните во Грција кои се вакцинирале пред седум месеци и не примиле бустер доза од денеска се сметаат за невакцинирани.
Граѓаните во Грција кои вакцинацијата ја завршиле пред седум месеци и не примиле бустер доза од денеска се сметаат за невакцинирани, престанува да им важи сертификатот за вакцинација и ги губат сите привилегии, јави дописничката на МИА од Атина.
Конкретната одлука, првично, планирано беше да стапи во сила на 1 февруари, меѓутоа поради снежната бура и прекинот во процесот на имунизација, Министерството за здравство на Грција, на граѓаните им даде дополнителен период од неколку дена. Согласно министерската одлука објавена во Службен весник на Грција, од денеска, полнолетните лица кои се вакцинирани и поминале седум месеци од втората доза или три месеци доколку се работи за вакцина со една доза, се сметаат за целосно вакцинирани само доколку ја примиле и бустер дозата.
При влез во сите објекти, сертификатите се скенираат со специјална апликација, а потребен е и документ за личен идентификација.
Правилата, како што е пракса во Грција од почетокот на пандемијата, освен за Грците, важат и за туристите.



