Во моментов не постои членка на НАТО која би била подготвена да испрати голем контингент војници во Украина со цел да се спротивстави на руската агресија, изјави премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
Обраќајќи им се на членовите на британскиот парламент, Џонсон одговори на прашањето дали НАТО може да испрати сили во Украина, без разлика што таа земја не е членка на Алијансата.
„Знам дека многу луѓе го делат тоа мислење од емотивната страна. Се разбира, инстинктивно, многумина би повикале на активна физичка поддршка на Украина во форма на војници на НАТО, но морам да кажам дека не мислам дека такво нешто ќе се случи во блиска иднина. Украина не е членка на НАТО“, изјави премиерот пред пратениците.
Тој додаде дека се подготвува уште еднаш да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата во Украина.
„Реалноста е дека вистинската цел на Русија е да ги држи силите на НАТО подалеку од руските граници. Тоа е целта на Русија, но руската инвазија на Украина ќе биде контрапродуктивна. Министрите за одбрана и за надворешни работи му го пренесоа тоа на претседателот Путин, а јас планирам да разговарам со него подоцна“, додаде Џонсон.
Тој предупреди дека санкциите што западните партнери ги подготвија против Русија во случај на ескалација ќе бидат најстрогите досега.
Во последно време, Западот ја обвинува Русија дека наводно подготвува инвазија на Украина и дека Москва значително го зголемува своето воено присуство во близина на границите на Украина. Русија одлучно ги отфрла овие обвинувања како неосновани и опасни и нагласува дека ги преместува воените сили на своја територија во согласност со Уставот и дека Западот сето тоа го користи како изговор за натамошно проширување на Исток.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровкса, вчера изјави дека нашата армија како дел од тие структури (НАТО) има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман во евентуалниот судир.


