Со преговорите меѓу Македонија и Бугарија чија цел е Македонија да прифати дека има заедничка историја со Бугарија, дека македонскиот јазик има бугарско потекло а, со тоа и дека македонската нација потекнува од бугарската, ќе се поништи она што го знаме отсекогаш и што целиот свет го има признаено – посебноста на Македонците и Македонија.
Треба да се прифати бугарската теза дека македонската нација е измислена во 1944. година а, потоа, македонското и југословенското политичко раководство создавале хибридни аргументи за потврда на измислената македонска нација, процес во Бугарија наречен „македонизација на Бугарите“, или „македонизам“.
За потсетување, денешна Македонија, со нација Македонци и службен јазик македонски ја признаа близу 140 држави во светот, меѓу кои и најголемите држави како САД, Русија и Кина, кои патем се и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации. Сега, македонската власт прифати да преговара со Бугарија за релативизирање на нешто што е ноторен факт, што има глобално признание и што е темелен белег на еден народ, нација и држава.
Истовремено, Македонија треба да прифати дека Бугарија никогаш не била фашистички окупатор на Македонија, туку администратор, а бугарската окупација на Македонија е факт кој е забележан во историјата на Европа, а не само во македонската историја. Но, ова е дополнително битно затоа што со прифаќање на новото барање од Бугарија, дека немало окупација, автоматски се прифаќа и фактот за бугарското потекло на денешните Македонци бидејќи „свој народ, и своја територија, не може да се окупира“.
Главен аргумент на Бугарија е дека Македонија била во Бугарија со Санстефанскиот мировен договор. За да биде појасно, тоа е билатерален договор помеѓу Русија (министер Никола Игнатиев) и Отоманска Турција (министер Сафет Паша), а не пошироко, меѓународно признаен договор. Бугарија ја имала територијата на денешна Македонија, добиена како подарок од Русија, само четири месеци, од 3. март до јуни 1878 година кога, на Берлинскиот Конгрес овој договор е укинат. Уште попрецизно, кога се потпишувал Санстефанскиот договор Бугарија не била држава, туку имала само автономија во рамките на Отоманското царство. Принцот на автономијата Бугарија морал да биде одобрен и потврден од Отоманската власт.
За споредба, Црна Гора во тоа време добила целосна незвисност и своја држава. Таквата Санстефанска Бугарија во чии рамки била Македонија добиена како подарок од Русија, е укината по само четири месеци, а на Берлинскиот конгрес било решено на Отоманското Царство да му се вратат во владение териториите на Македонија и Одринска Тракија кои им биле одземени на Турците со Санстефанскиот договор во полза на Бугарија. Со тоа територијата на Бугарија е околу трипати намалена во однос на Санстефанскиот договор (било решено Бугарија да се простира на територијата која се наоѓа само северно од Стара Планина).

Leave a Reply