Сослушани се осум сведоци во врска со несреќата во Бугарија, при која се запали автобус на „Беса Транс“. Меѓу нив е и сопственикот на агенцијата и тој е достапен на надлежните институции. Ова денеска го соопшти републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески кој рече дека за агенцијата е отворен предмет и во Основното јавно обвинителство – Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање дали за него ќе биде изречена мерка притвор,тој рече дека проценката за тоа дали ќе има потреба од мерки ќе биде на обвинителот кој го води предметот.
„Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата е одземена. Ние прибираме податоци за одговорност и за сообраќајната несреќа и во делот на прекршување на заканите, ако се утврди дека има такви повреди. Ние утврдуваме дека можеби има и фалсификување на одредени документи, сите тие прашања Обвинителството ги испитува. За кое било лице да се рбаоти, ако во неговото дејствие има елементи на кривично дело, Обвинителството ќе покрене соодветна постапка“, изјави републичкиот обвинител на денешната прес конференција.
Прашан дали има соменвање за корупција, тој одговори дека сите околности се испитуваат.
„Тие околности се испитуваат, надлежните органи соопштија дека автбусот повеќе од 100 пати ја напуштил границата, но со истата документација влегувал и во границите на други земји. Сето тоа е предмет на интерес на Јавното обвинителство. Ние се сомневаме дека има такви елементи и затоа отворивме предмет во Основното јавно обвинителство во Скопје“, истакна Јовески.
Дека истрагата продолжува, а кога ќе заврши зависи од резултатите на експертите, истакна и заменикот окружен јавен обвинител на Окружното јавно обвинителство Перник, Бисер Јорданов Михајлов.
„Кога ќе ги имаме сите заклучоци од сите проучувања ќе имаме некој заклучок или за лошото одбележување и сигнализација како што кажувате, дали е причина за настапување на сообраќајната несреќа“, посочи тој одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има одговорност за бугарските институции по укажувањата на тамошните експерти за несоодветната сигнализација на патот.


