На Балканот, „македонското малцинство“ е признаено од Република Србија и Република Албанија, наши соседни држави, но не е признаено од другите наши соседи, Република Бугарија и Република Грција.
Посебноста на Македонците во административниот регион Македонија, Република Грција, се потврдува со регистрирање на македонската политичка партија. Тоа е политичката партија Виножито, со седиште вo Лерин (Флорина) во 1994 година. Првиот конгрес на оваа партија е одржан на 30 мај 2004 година во Солун (Тесалоники). Во Лерин (Флорина) организира отворање на „Македонска куќа“. Со други македонски организации ги печати двојазичните списанија на македонски и грчки јазик: „Меглена“, „Зора“, „Нова Зора“ и „Лоза“. Амблемот на партијата Виножито е напишан на грчки, македонски и англиски јазик. Виножито симболично означува демократски мост на пријателство помеѓу Македонците и Грците во грчкото општество. Виножито е стремеж и надеж на Македонците лојални граѓани на грчката држава.
Сегашноста дава можност „македонското малцинство“ да се признае од нашиот јужен сосед Република Грција. Денес ние, Македонците со чест и достоинство потписници на пораката, бараме да се признае „македонското малцинство“ во залог на нашата заедничка демократска иднина и напредок на Балканот, кој е составен дел на Европа.
Патот е заеднички трасиран со Повелбата од Сан Франциско (1945 г.) и Универзалната декларација за човекови права од Њујорк (1948 г.), донесена од Организацијата на Обединетите нации, и со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, донесена во Рим (1950 г.) од Советот на Европа.
Се надеваме дека со гестот на добра волја од наша страна за меѓусебно разбирање, градиме иднина на пријателство на нашите народи!