Премиерот Зоран Заев денеска започна со активностите утврдени во агендата од неговата работна посета на Словенија, по повод Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брдо-Крањ.
Тој на прес конференција истакна дека е разочаран од претседателот Румен Радев и нашиот сосед Бугарија.
„На Самитот за Западен Балкан, тука во Брдо, Словенија имаме уште една силна потврда дека само една земја – членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство со Европската Унија. За жал и со огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија“, истакна Заев, a јавува специјалниот дописник на ТВ21 од Брдо, Словенијa.
Тој додава дека пораките од францускиот претседател Емануел Макрон и канцеларката Ангела Меркел се јасни.
„За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не копање во минатото, но за жал не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбира оваа порака. Чекорите и пораките што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите“, додаде Заев.


