Тричленото семејство Ѓокиќ, чии тела беа пронајдени изгорени во селото Моравац, беа убиени ноќта на 26 септември, откако тргнале за Алексинац, каде што живееле.
Директорот на полицијата Владимир Ребиќ во гостувањето на ТВ Прва истакна дека немаат дилема дека се случило убиството на тричленото семејство.
– Во моментов работиме на расветлување на настаните, а се уште немаме информации кој е убиецот. Потрагата траеше три дена. Во секој случај, полицијата дозна за нивното исчезнување во вторникот доцна попладне. Кога ја добивме информацијата дека возилото наводно е видено со камера на потегот кај Шитковац, нашата истрага беше пренасочена во таа насока – истакна директорот на полицијата.
Како што изјави Ребиќ, телата се пронајдени во реонот на селото Моравац, а возилото било на 12 километри.
Првиот пат камерите го снимиле возилото во понеделникот во 00.24 часот кога ја напуштиле куќата на мајката на Горан. Не се движеле во правец на Алексинац, туку камерата ги снимила на крајот од селото Моравац, каде завршува асфалтниот пат. Врз основа на тоа, заклучивме дека возилото се движело во правец на атарот на селото Моравац – објаснува тој.
Тој нагласи дека ова е многу непристапен терен.
– Сакам да напоменам дека ова е рурална област, каде што нема толку камери како во Белград. Камерата на приват куќа ги снимила дека се упатуваат во правец на атарот кон нивите, а не кон нивниот дом. Еден член на роднините го препозна автомобилот на неговите роднини на камера, а подоцна кога ги добивме дневниците на мобилните телефони, тоа покажува дека тие не се упатиле кон север, туку кон југ. Возилото последен пат е видено во 2.05. Прво биле убиени, а потоа возилото било изгорено на неколку километри подалеку. Мислиме дека тие се убиени два часа порано. Ова укажува дека убиецот имал околу 70 минути да го изврши ова страшно убиство – додаде Ребиќ.
Тој наведува дека не е познато како е убиено семејството Ѓокиќ. Форензичарите ќе спроведат детална истрага, но „неизбежно е да имало четврто лице, или повеќе“.
Телата, како што вели, биле пронајдени изгорени и закопани, а биле пронајдени бидејќи виделе рака во грмушките.
– Не би сакал да откривам многу, но очигледно се работи за добро подготвен криминал. Набавен е и бензин за да се изгорат возилото и жртвите. Горан го идентификувавме врз основа на отпечатокот, Гордана врз основа на накитот што го носеше, додека, за жал, не можевме точно да ја идентификуваме нивната ќерка, со оглед на состојбата во која го најдовме телото. Засега имаме многу малку податоци, но се надевам дека во наредните денови ќе можеме да кажеме за ова монструозно злосторство – посочи тој.
Ребиќ додава дека познаниците на Горан изјавиле дека тој бил исклучително внимателен човек, па затоа не може со сигурност да каже дали го познава убиецот, или бил принуден да го запре возилото.
