Групата Кале од Македонски Брод е музичка приказна која трае веќе 45 години, група која оставила силен белег во македонската традиционална и забавна музика. Со децении наназад тие се дел од најубавите веселби, концерти, фестивали и приватни настани, а со својата автентична свирка и препознатлив звук успеале да останат актуелни низ повеќе генерации.
Најголемата промена за групата доаѓа кога нивниот пејач Миле Андрески се појавува во регионалното музичко шоу „Никад није касно“, каде со својот глас, харизма и емоција успеа да ја освои не само македонската, туку и балканската публика. Миле стана широко препознатлив, но и покрај новостекнатата популарност и понудите што следеа – тој не ја напушти својата матична група Кале. Напротив, верен остана на корените, на својата екипа и на музиката со која почна.

Токму оваа искреност и посветеност ја прават групата Кале единствена – бенд со душа, историја и верност што ретко се гледа денес.
Овие денови членовите на групата повторно привлекоа внимание со своето гостување во новогодишната програма на ИНТВ Австралија, која се снимаше во продукција на ИН Продукција. Со својот настап донесоа вистинска празнична атмосфера, а публиката во дијаспората им приреди огромни пофалби и поддршка.
Групата Кале останува симбол на македонската музичка традиција – состав кој со 45 години работа зад себе сè уште ја движи публиката, ја буди носталгијата и ја слави македонската песна.

Leave a Reply