“Кога падна на Пирина” наскоро ќе имате можност да ја слушнете во поразлично издание од она што досега сме го слушнале. Овојпат во одлична изведба на оперскиот пејач Давид Миладинов. За оваа преработка деновиве се сними и спот на неколку убави локации во Маврово, а во соработка со ИН Продукција.
Во прекрасните живописни предели на Маврово се сними новиот видео запис од Давид Миладинов. Станува збор за неговата најнова преработка на патриотската песна “Кога падна на Пирина”, која што Давид ја изведува на доста уникатен начин, со оперско пеење по кој што тој е препознатлив.
-Оваа песна излезе така спонтано бидејќи, морам да спомнам јас завршив на Факултетот за Музичка Академија, отсек соло пеење кај професорката Билјана Јакимовска, а сега сум на Магистерски кај професорот Борис Трајанов. Мојот професор Борис ја има истата песна направено и така да, зедов пример од него и гледам да ги продолжам неговите стапки. Решив да ја направам оваа песна со цел да биде оперски отпеана, да биде малку поразлична бидејќи сите ја пеат во народен стил, па се надевам дека ќе им се допадне на слушателите и гледачите.-вели Миладинов, за естрадниот магазин Естрада плус.

Снимањето на спотот помина во одлична и опуштена атмосфера, а Давид не го криеше задоволството од соработката со екипата на ИН Продукција.
-Добро се чувствувам, денес поминавме прекрасно. Убав амбиент, убави луѓе, убава дружба пред се и се надевам дека овој спот ќе се исплати и ќе излезе на виделина моето име и презиме.-истакна Давид, во интервјуто за ИН ТВ.
Во спотот, покрај Давид, учествуваат и двајца статисти кои преку нивната одлична глума ја доловуваат приказната на оваа песна, која важи за една од поемотивните патриотски песни.
Инаку, Давид досега има настапувано на голем број фестивали и натпревари по оперско пеење, а со своја песна во забавен стил има учествувано и на македонскиот фестивал на забавни мелодии МАКФЕСТ. Тој во моментов работи на уште неколку нови песни, од кои и една на италијански јазик.
Видеото за песната “Кога падна на Пирина” ќе биде премиерно преставено деновиве на сателитската ИН Телевизија.

