Охрид уште еднаш покажа дека македонската песна има свое посебно место под охридското небо. Кејот покрај езерото беше исполнет со музика, аплаузи и публика која уживаше во вечер посветена на македонската народна и етно музика, во рамките на второто издание на Етно фестивалот „ИмаТ немаТ“.
Фестивалот, кој произлегува од истоименото музичко шоу, веќе шест години активно работи на афирмација на македонската музика, а со своето фестивалско издание создава простор каде традицијата, современата сценска продукција и публиката се среќаваат на едно место.
Посетителите на охридскиот кеј имаа можност да проследат богата музичка програма во која настапија голем број познати македонски изведувачи. Се пееја добро познати народни хитови, етно композиции и песни кои со години се дел од македонското музичко наследство.

Посебна атмосфера донесе присуството на Битолската коњаница „Галоп“, која со своите традиционални носии и коњи беше уште еден впечатлив симбол на македонското наследство. Фестивалот доби и дополнителна доза хумор и забава со настапите на Жанко ЗС и Тетинот.
На сцената настапија Лени Партикова, Елена Андоновска, Марјан Коцев, Благојче Стојановски – Туше, Василија Петрова, Елена Велевска, Елена Јовческа, Иван Милевски, Спасе Антевски, Zdrave Music, Кире Науновски, Unikad Bend, Александар Ицов, Игор Безаноски и Софија Пуровска, кои со своите настапи придонесоа оваа вечер да остане запаметена како уште една голема прослава на македонската песна.
Водител на фестивалската вечер беше Анита Даева, која со своето долгогодишно искуство и препознатлива сценска енергија се погрижи програмата да се одвива во одлична атмосфера.
Зад реализацијата на настанот стои ИН Продукција, а фестивалот беше реализиран со поддршка од Општина Охрид, IN Media Group од Австралија, 2S Studio и Ресторан „Орфеј“ – Охрид. За професионалната сценска продукција, озвучувањето и осветлувањето се погрижи Лабино Саунд.
Она што особено го издвојува „ИмаТ немаТ“ е фактот што фестивалот не се потпира само на концертната форма, туку има поширока културна идеја – македонската песна да се слуша, да се негува и да стигне до што поголем број луѓе.
Настанот можеше да се следи и преку директен пренос на Сателитската телевизија IN и YouTube, со што фестивалската атмосфера од Охрид стигна и до македонската дијаспора и до љубителите на македонската музика ширум светот.
Од организаторите порачуваат дека „ИмаТ немаТ“ продолжува да расте и да се развива како платформа која ја става македонската музика во центарот на вниманието.
Од охридскиот кеј повторно се испрати јасна порака – македонската песна има што да каже, традицијата има што да остави зад себе, а музиката е еден од најсилните начини да се зачува она што нè прави свои.