Еден од најценетите македонски инструменталисти, Александар Ицов, повторно ја радува публиката со нов музички проект кој ја слави традицијата и автентичниот македонски звук. Станува збор за инструменталното оро „Разиграна седмица“, кое наскоро ќе ја доживее својата официјална промоција.
Познат по својата умешност да свири на повеќе инструменти, Ицов и овојпат останува верен на изворната музика, носејќи композиција исполнета со енергија, емоции и препознатливи фолклорни елементи. Централно место во новиот проект има гајдата, чиј звук му дава посебна магија на целото музичко дело.
Видеозаписот за „Разиграна седмица“ е снимен на неколку живописни локации во радовишкиот регион, крај кој е длабоко поврзан со животот и музичките почетоци на Александар Ицов. Во спотот се прикажани прекрасни природни пејзажи, традиционални носии и фолклорни мотиви кои дополнително ја доловуваат убавината на македонското културно наследство.
За аудио продукцијата беше задолжен музичкиот автор и аранжер Љупчо Соколовски, додека за снимањето и реализацијата на видеоспотот се погрижи ЕИН Продукција. Во видеото учествуваат и фолклорни играорци кои со својата енергија и динамика му даваат дополнителна вредност на проектот.
Промоцијата на новото оро ќе се одржи на 29-ти овој месец во Скопје, а на настанот Александар Ицов ќе одбележи и значаен јубилеј – десет години успешна самостојна музичка кариера.

Во текот на изминатата деценија, Ицов изгради препознатлив стил и остави значаен белег на македонската музичка сцена, промовирајќи ја народната музика и традиционалните инструменти пред домашната и странската публика.
Според првите реакции, „Разиграна седмица“ има сè што е потребно да стане омилено инструментално оро меѓу љубителите на македонскиот фолклор и уште една успешна страница во богатата кариера на Александар Ицов.



