Илјадници километри далеку од татковината, но со Македонија длабоко во срцето, Македонците во Австралија и оваа година достоинствено му оддадоа почит на великанот, револуционерот и апостолот на македонската борба – Гоце Делчев.
По повод 123-годишнината од неговото херојско загинување на 4 мај 1903 година, македонската заедница од Мелбурн и Викторја се собра пред споменикот на Гоце Делчев, во дворот на Македонската православна црква „Св. Ѓорѓи и Пресвета Богородица“, каде со молитва, цвеќе и длабока почит беше одбележан овој значаен ден за македонската историја.
Комеморацијата започна со духовна служба предводена од отец Климент Станковски и преподобниот архимандрит Гаврил, кои со молитви и благослов потсетија дека делото на Гоце Делчев не е само историја, туку вечен аманет за сите Македонци, без разлика каде живеат.

Пред присутните се обратија претседателот на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Дејан Змејковски, како и Ицо Најдовски Перин, член на Управата, истакнувајќи дека ликот и делото на Гоце Делчев остануваат светилник за македонскиот народ и симбол на борбата за слобода, достоинство и национален идентитет.
Во знак на вечна благодарност и почит, венци положија претставници на Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Светскиот македонски конгрес за Австралија, ансамблот „Тоше Проески“, здруженијата „Македонски штит“ и „Македонски бунт“, како и Саша Узунов – воен ветеран на Австралија и новинар.
Овој чин уште еднаш покажа дека македонскиот дух не познава граници. Без разлика дали се во Македонија, Австралија, Европа или Америка – Македонците знаат да ја чуваат својата историја, своите корени и своите херои.

Името на Гоце Делчев не е само страница од минатото – тоа е симбол на непокорот, на љубовта кон татковината и на борбата за национално достоинство.
Мелбурн денес зборуваше на македонски, а срцата на сите присутни чукаа во ритамот на едно име – ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ.
Вечна му слава!



